Општина Прилеп традиционално по 13 пат, годинава е организатор на чествувањето на градската слава „Свети Никола“. Домаќин на чествувањето, поточно кум на градската слава овој пат е фамилијата на градоначалникот Илија Јованоски.

Од општината најавија дека годинава патрониот празник на градот, ќе се чествува во духот на еднаквоста и хуманоста, без поделби на богати и сиромашни, односно без свечени ручеци во ресторани.

Јас сум градоначалник на сите граѓани, без оглед на националната и верска припадност. Затоа обврските околу годинешното кумство, ги презеде мојата сопруга Виолета Јованоски, како претставник на нашата фамилија. Сакам да кажам дека во духот на св. Никола како заштитник на морето, морепловството,децата и сиромашните годинава за прв пат, ќе чествуваме во духот на еднаквоста и хуманоста. Во центарот на градот ќе се служи една свечена, посна трпеза, а прослави во ресторани ќе нема. Второ, за да ја поттикнеме хуманоста, организиравме со здружението ‘Епилепсија Македонија’ и со о.о. на Црвен Крст, хуманитарна акција. Сакаме да покажеме дека хуманоста нема име, има само срце. Затоа донациите од граѓаните во неколкуте маркети во градот, беа спакувани од млади волонтери, а потоа екипи од центарот за социјална работа ги дистрибуираат до семејствата –на кои што оваа помош им е најпотреба. Вака покажуваме почит, го штитиме достоинството на сите наши сограѓани, далеку од камерите,без помпа, без популизам“ – порача градоначалникот Илија Јованоски.

За празнувањето, чествувањето, за подготовката на традиционалната трпеза како што рече, обврските ги презема неговата сопруга Виолета Јованоска.

Прилепските домаќинки, коишто со години го подготвуваат проверениот рецепт за посни сарми, од изутрината во салата на хотелот „Липа“ ги виткаат посните сарми.

Тајната на прилепската сарма е во оривчето, зелката, црвениот пипер и биберот. Сармите се многу мали, се виткаат колку едно гравче. Ставаме по неколку зрнца ориз, се става масло, пипер и бибер, се вари на тивко, потоа се тура запршка и нема повкусно јадење. Овој рецепт нам ни го предале нашите баби и мајки. Сармите се заливаат со песна и црно вино, со маслинче,суви пиперки потпечени и наронети во сармата –  вели Менче Пејоска од здружението „Преродба“.

„Сармата може да отстои и неколку дена, се јаде цела недела, особено со ракиичка, со мезе и многу е вкусна. Повеќе од половина семејства во градот ја слават оваа слава, затоа од 2006 година кога почнавме со подготовките на овие сарми, оваа слава е земена како заштитник на Прилеп“, вели Марија Михајлоска, домаќинка која што е вклучена во виткање на сармите.

Една прилепчанка ако не завитка 1000 сарми, таа не е прилепчанка. Прилепчанките се единствените традиционални жени, и тие ја почитуваат виситнски традиицијата. Се слави во куќите во домашна атмосфера, се е направено од рацете на домаќинката. И ние, дома чекаме гости, ќе ни дојдат за овој ден од сите страни, и од странство. Денеска сигурно овде ќе свиткаме 40.000 сарми. Ние можеме тоа да го направиме со љубов и домаќински – вели Љубица Петреска, од организацијата на жени „Мајка Традиција“ од Прилеп.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.