Ученичката компанија Медтех од средното училиште „Ѓошо Викентиев“ од Кочани, го освои првото место на Националниот натпревар на ученички компании, кој се одржа на 10 мај 2019 година во во организација на Џуниор Ачивмент Македонија. Ученичката компанија нуди креативен производ на со инвестиција од само 349 денари – паметна кутија за апчиња. Кутијата составена од 7 прегради за секој ден во неделата во кои што ќе може дополнително да се стават подпрегради, кои ќе се користат по потреба на корисникот за конзумација на лекарства во точен час од денот. Производот се нуди во 3 изданија.

На натпреварот учествуваа 19 ученички компании од 14 средни училишта од 10 града од целата територија на земјата. Се натпреваруваа 100 средношколци со поддршка на 25 наставници од Скопје, Битола, Кавадарци, Кочани, Берово, Гевгелија, Куманово, Струга, Охрид и Прилеп, додека над 50-тина поканети гости го следеа натпреварот. Средношколците предводени од одговорниот наставник имаа можност да презентираат што сработиле во текот на учебната година на штандовите кои беа поставени во трговскиот центар, и секој на свој начин да ја убеди жири комисијата со иновативноста на производот или услугата.

Покрај прво наградената ученичка компанија, организаторот обезбеди награди и за ученичката компанија која понуди нови производи со чисто еколошко потекло, како и ученичка компанија која нуди решение за подигнување на еколошката свест во општеството, замена за пластични шишиња со алуминиумски термоси.

Министерот Арбер Адеми истакна дека овие програми за претприемничко образование одлично ги подготвуваат младите луѓе за критичко размислување и самоиницијативност. Исто така изјави дека програмата на Џуниор Ачивмент за ученички компании се совпаѓа со програмата на министерството во насока на развој на науката, научните достигнувања и иновации преку принцип на економичност, граѓанска одговорност и поврзаност со пазарот на трудот.


Министерот Крешник Бектеши изјави дека програмата на Џуниор Ачивмент Македонија е вистинскиот начин да добиеме квалитетни кадри, кои ќе можат да одговорат на барањата на пазарот. Само вака младите ќе добијат и финансиска писменост, ќе се научат на соработка, планирање, лидерство, тимска работа, ќе го осознаат патот од идеја до реализација и ќе го поттикнат претприемачкиот дух.

Директорот на Канцеларијата за општ развој на УСАИД во Република Северна Македонија, Едвард Гонзалез рече: Претприемништвото е важен концепт кој треба да се развива кај сите, а особено кај младите. Претприемачите се луѓе кои дејствуваат, кои иницираат, кои активно работат на подобрување на сопствената благосостојба. УСАИД е горда да соработува со владините институции и приватниот сектор кои активно работат на создавање можности за младите.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски истакна дека го радува што иницијативата на Американската агенција за меѓународен развој УСАИД и организацијата Џуниор Ачивмент Македонија поттикна толкав број на ученици од 10 градови од целата држава што потврдува дека сме богати со креативна сила. Исто така ја истакна спремноста на фондот во иднина да ги поддржува ваквите активности.

г-ѓа Љупка Панчевска, извршен директор на Џуниор Ачивмент Македонија го нагласи задоволството од големиот број пријавени ученички компании оваа година. Таа исто така се осврна и на 100 годишнината на организацијата Џуниор Ачивмент Worldwide и најави дека победниците од денешниот натпревар ќе се натпреваруват на европскиот натпревар на ученички компании со останатите европски победници од 3 до 6 јули во Лил, Франција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.