Oткако министерот за образование објави дека ќе има продолжени јунска и септемвриска сесија за студентите и дека остава на секој факултет поединечно да одлучи дали полагањата ќе се одвиваат оналјан или со физичко присуство, студентите на Факултетот за музичка уметност објавија писмо во кое посочуваат дека не се согласуваат со работата на факултетот.

Ние, студентското собрание при ФМУ, преку овој текст би сакале да ги искажеме нашите несогласувања со работата на факултетот, со надеж дека ќе ги заштитиме правата на студентите и ќе издејствуваме добивање на услови кои се достојни за една високообразовна установа. Кога велиме услови, иако заслужуваме, не мислиме на светски услови, туку на пристојни студии кои не го дегардираат студентот и неговиот труд.

Под услови мислиме на факултет кој ги почитува студентите и се труди да го организира образовниот процес согласно нивните потреби. Под услови мислиме на фер однос и комуникација помеѓу студентите и факултетот. Под услови мислиме на простор и можности за развој на нашиот потенцијал. На факултет се запишавме поради нашата љубов кон музичката уметност. На факултет се запишавме со желба да се надоградиме и да го дадеме својот придонес во културата и општеството. За жал не го добиваме тоа.

Имено, факултетот за музичка уметност е еден од факултетите при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ со најнизок процент на одржани онлајн предавања за време на пандемијата. Факултетското студентско собрание од самиот почеток на пандемијата, секојдневно, се обидува на конструктивен начин да ги минимизира последиците од пандемијата, од што бенефит ќе имаат и студентите и факултетот. Постојано се обидуваме да воспоставиме разумен канал на комуникација со факултетската управа и професорите. Во повеќе наврати бевме игнорирани, а доколку бевме почестени со одговор тој беше негативен и затворен за какви било предлози и решенија.

Од факултетската управа, на нашето легитимно барање да добиеме предавања и знаење, за кое, впрочем, и сме платиле, наидовме на несериозност, дрскост и разни оправдувања кои немаат основа. Слушавме дека факултетот не располага со опрема за онлајн настава, искуство за ваков вид на предавање, психичка неспремност на наставниот кадар и што уште не.

За среќа имаме и позитивни примери, каде некои професори покажаа ентузијазам и желба за работа, а меѓу нив имаше и такви кои првпат се сретнаа со ваков проблем, па низ процесот научија да се служат со техонологијата и со платформите за онлајн настава. Ние не бараме многу, бараме волја за работа и желба да се пренесе знаењето!

На неколку дена до почетокот на јунската испитна сесија, ние како студенти немаме никаква официјална информација, ниту за пријавувањето на испитите, ниту за начинот на нивното остварување, што е посебно деликатна тема заради природата на материјата која се изучува. Овој пат, при обидот да исконтактираме со управата не наидовме ни на одговор, а не пак на волја за наоѓање решение. Иако официјално известување нема, неколку професори испратија мејл со скратен материјал за полагање, полагање кое треба да се спроведе онлајн. Истите тие кои немаа опрема, искуство и психичка спремност за одржување на онлајн предавања сега магично се во можност да одржат онлајн-испит. И секако, без да се прашаат студентите дали тие имаат опрема и се во можност да полагаат испити на таков начин.

Ние како студенти немаме избор, притиснати сме до ѕид поради отсуството на конструктивност и желба за изнаоѓање на решенија. Објавуваме ултиматум! Бараме сите испити за предметите за кои не ги добивме соодветните предавања и пренос на знаење да се одложат за септември, а во меѓувреме да ги добиеме предавањата и знаењето кое ни следува.

Не е фер професорите и управата да ни ги игнорираат барањата и желбата за соработка. Собранието е тука всушност да ја подобри работата на факултетот со тоа што ќе соработува со управата за сите проблеми кои ги имаат студентите и ќе изнајде решение за истите. Ние се запишавме на овој факултет поради нашата љубов кон музичката уметност. Нема да дозволиме да ни го скратите ентузијазмот.

Бараме во најкус можен рок управата на факултетот и професорите да седнат на маса со студентските претставници како еднакви на нив. Бараме да седнеме на маса и да изнајдеме решение за моменталната ситуација. Бараме испитите за предметите кои не се предадени да се одложат за септември, а во меѓувреме да се организираат предавањата. Си го бараме знаењето за кое плативме!

Сето ова го пишуваме бидејќи сме во безизлезна ситуација. Сакаме да ни се слушне гласот како студенти на Факултетот за музичка уметност и да докажеме дека се грижиме за нашето образование. Се надеваме дека нашето барање ќе е прифатено, во спротивно ќе бидеме принудени да преземеме понатамошни дејствија кои дополнително ќе го зголемат јазот помеѓу студентите и факултетот.

Нема сила која ќе го спречи гласот на студентите!

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.