За дa обезбеди лесен пристап до информации за сите настани и обуки корисни за млади претприемачи, Стартап Македонија денес го објави првиот Google Digest календар за стартап заедницата со настани, обуки и активности наменет за сите кои се дел од стартап заедницата. Целта на Startup Google Digest календарот е да ги поврзе сите чинители на стартап екосистемот, не само во главниот град на нашата држава туку на регионално и на државно ниво, а со тоа и да се поттикне и постепено да се помогне развојот на стартап потенцијалот во Македонија.

Македонските стартапи сега ќе имаат можност да ги следат сите настани на едно заедничко место  и лесно да ги добијат сите информации за тековни и претстојни настани, активности и обуки во Македонија кои му се потребни на стартап екосистемот. Наместо младите претприемачи да трошат часови во интернет пребарување за тоа каде и кога е следниот Startup Week, She Talks – Women In Tech или Global Initiative Business Trends, со овој календар сите податоци за ваквите настани ќе ги најдат на едно место, вели Марија Димовска, проектен менаџер на Стартап Македонија.

Истражувањето на Стартап Македонија покажа дека само еден мал процент од стартапи се имаат приклучено во програми кои им помагаат во развивање на своите идеи во производи. Истражувањето исто така покаже дека на  стартап заедницата и недостасува лесен пристап до информации за професионални настани и обуки, поради што Стартап Македонија одлучи да го создаде овој агрегатор на настани и обуки.

Особено во раните денови кога истовремено сме менаџери, продавачи, HR професионалци и се останато, како претприемачи имаме потреба од менторство и обуки во најразлични области. Следење на сите релевантни настани е практично невозможно и особено ме радува тоа што овој Digest ќе ги собере сите можности на едно место и со тоа ќе придонесе кон забрзување на развојот на стартапите во Македонија“, изјави Катерина Трајчевска, основач и генерален менаџер на Адева.

Стартап Македонија е чадор организација која делува да го поврзе и зајакне македонскиот стартап екосистем, меѓу другото и преку дигитализација која ќе овозможи постојан проток на информации меѓу сите чинители во екосистемот. Startup Google Digest календарот се одржува со поддршка од Проектот на УСИАД за развој на деловниот екосистем.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.