Новинарката Маја Богоевска, основач и уредник на порталот „Читај.бе“ е годинашен добитник на наградата за новинарска репортажа „Тоде Петрески“ именувана според новинарот на Радио Скопје, дописник од Битола, Тоде Петрески.

На свеченост во Битола, Богоевска истакна дека време е да се врати достоинството на професијата за да се каже: новинар – колку гордо тоа звучи.

-Голема е честа за мене што ја добивам наградата која го слави името и делото на доајенот на битолското и македонското новинарство, Тоде Петревски, синоним за храброст, пример како треба еден новинар да се бори за вистината. Изразувам огромна благодарност до семејството на Тоде Петревски и нашиот хроничар „Битолски весник“. Оваа награда ја чувствувам како залог да се борам, особено против полуписмените, кои го киднапираа новинарството и ја унаказија професијата новинар заради лични интереси. Да се борам во просторот каде манипулацијата со вистината е огромна – интернетот. Затоа знаењето и искуството кое сум го стекнала овие две децении, ревносно и несебично го пренесувам и ќе го пренесувам на младите генерации, истакна Богоевска.

Да го вратиме достоинството на професијата, порача таа. За еден ден, како што рече, да кажеме: Новинар – колку гордо тоа звучи!

Новинарката Маја Богоевска во својата богата кариера работела во повеќе локални, регионални, национални и интернационални медиуми, а оваа година одбележува 20 години активно новинарство.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.