Онлајн-настава на 23-те факултети на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје се реализира делумно или целосно. За професори кои не држат онлајн-предавања има и алатка за пријавување, а студентите кои имаат предлози како електронската настава да се унапреди, може да ги контактираат факултетските студентски собранија.

Претседателот на Универзитетското студентско собрание на Скопскиот универзитет (УСС-УКИМ) Борјан Ефтимов во интервју за МИА вели дека факултетите на УКИМ, како и нивните студентски собранија, се поделени во ставовите дали испитите треба да се полагаат онлајн. Лично смета дека електронското полагање ќе доведе до манипулации и ќе го деградира квалитетот на високото образование.

Мора да избереме дали сакаме ефикасност и побрзо „чистење на испитите“ преку онлајн-полагање или квалитет и релевантни испити кога ќе се создадат услови за физичко присуство на полагањата, вели претседателот на студентите на најстариот и најголем универзитет во земјава со околу 30 000 студенти на 23-те факултети.

Ефтимов е четврта година на Правниот факултет (прва на мастер-студии – деловно право), а претседател на Универзитетското студентско собрание е од февруари годинава. Во интервјуто за МИА тој истакна и дека студентите треба да ја прифатат реалноста и да се придржуваат на мерките за побрзо да се надмине пандемијата, особено препораката за социјално дистанцирање, порачувајќи им: „Студентскиот живот нема да ни избега“.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.