По 120 денари дневно или 2.400 денари месечно за здрав студентски оброк се предвидува со новиот Предлог- закон за субвенциониран студентски оброк на ЛДП, за секој редовен студент во Македонија.

Ние како партија заедно со нашата младина, сакаме да придонесеме студентите повеќе да не јадат нездрава, брза храна и да ги поттикнеме здравите навики односно да им создадеме услови здраво да се хранат и тоа да биде субвенционирано од државата. Воедно ќе ги стимулираме и малите бизниси односно ќе се поттикне економијата. Затоа очекувам сите политички субјекти во државата да го поддржат предлогот, истакна Моника Зајкова, потпретседателка на ЛДП.

Од партијата предлагаат правото на субвенциониран студентски оброк да го уживаат студентите кои се државјани на Македонија и се запишани како редовни на додипломски студии, на државните или на приватните универзитети.

Потпретседателката на ЛДП, Моника Зајкова

Правото на субвенциониран оброк студентите ќе може да го користат секој работен ден од 8 до 20 часот, но не и во периодот од 1 јули до 14  септември во годината, како и за време на државни, верски празници и во неработни денови.

Поаѓајќи од концептот за субвенциониран студентски оброк кој со години веќе се имплементира во Словенија, во законот предвидовме право на студентите за значително пониска цена да можат да се хранат во рестораните кои што ќе потпишат договор со Министерството за образование и наука за субвенционирање на студентскиот оброк. Во законот е предвидено дека под субвенциониран студентски оброк се подразбира приготвена храна, но со Правилник за субвенциониран студентски оброк донесен од Министерството за образование и наука детално ќе биде уредено што оброкот вклучува, како и дека од субвенција се исклучени газираните пијалаци и брзата храна, како бургери, бели пецива, тостови, конзервирана храна…, вели Зајкова.

Износот ќе се исплаќа на давателите на услуги кои што услужиле студент, на почеток на тековниот месец за претходниот месец, по изготвена фактура од нивна страна доставена до Министерството за образование и наука. Давателите на субвенциониран студентски оброк ќе ги избира Министерството за образование и наука преку спроведување на постапка за јавна набавка во согласност со одредбите од Законот за јавни набавки.

Со Предлог-законот ЛДП подготви и Правилник за субвенциониран оброк кој по усвојување на законот ќе го достават до Министерството за образование, а во кој е пропишано дека студентите кои се корисници на субвенциониран студентски оброк не треба да се вработени или пак да вршат економски, земјоделски или професионални активности. За да нема злоупотреба самиот закон исто така предвидува дека средствата одобрени од Министерството за субвенционирање на здрав оброк може да се користат само за таа намена, а регулирано е прашањето и за вршење надзор над тоа како се спроведува мерката, додава Зајкова.

Споредбено во Словенија која има висок животен стандарт, субвенцијата на секој студент изнесува по 2,63 евра на ден. Таму, голем број на угостителски објекти со воведување на оваа мерка се спасени од затворање.

Либерално-демократската партија и Либерално –демократската младина во 2018  година преку тогашниот министер без ресор задолжен за регулатива за подобрување инвестициска клима Зоран Шапуриќ до Владата достави разработена иницијатива, која предвидуваше можност за субвенционирање на здрав оброк на секој студент.

Скоро две години чекавме, но не се формираше работна група која би работела на законско решение согласно доставената иницијатива, па одлучивме истата сами да ја преточиме во форма на Предлог – закон за субвециониран студентски оброк кој во скратена постапка преку пратеничката од редовите на ЛДП, а со поддршка и од други пратеници (СДСМ, ДУИ, Алтернатива) ја поднесовме до Собранието, истакна Зајкова.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.