Пиперките кои пред неколку дена беа запленети од инспекторите на Државниот пазарен инспекторат и беа доделени на Агенцијата за управување со одземен имот, се доделени на затворениците во Затворот „Идризово“. Како што информирале од Агенцијата, тие реагирале брзо бидејќи се работи за расиплива стока која морала веднаш да биде доделена.

Како што информирал директорот на Државниот земјоделски инспекторат, Зоран Шапуриќ, пиперките се одземени од нерегистриран откупувач при вонредна контрола во вечерните доцни часови по претходни сознанија на инспекторите на ДЗИ.

Покрај редовните контроли, ДЗИ врши и вонредни контроли кои обично се вршат кога има откуп на одредена земјоделска култура. Инспекторите на ДЗИ тоа го направија заедно со инспекторите на СВР Битола и асистенција на полициска станица Прилеп бидејќи инспекторите на ДЗИ не се овластени да ги запрат камионите, изјавил Шапуриќ за весникот Вечер.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.