Македонското еколошко друштво (МЕД) соопшти дека е заловена рисица близу Стража. Ова е втора рисица, по Маја и ќе го носи името Нарциса.

Имаме нов рис! На 12 февруари тимот рисаџии од Македонското еколошко друштво (МЕД) со помош на кафез-замка залови нова единка од реткиот балкански рис во месноста Буковиќ, близу Стража. Eдинката е здрава женка, веројатно на возраст од 2–3 години, тешка 15 килограми.
Ова е втора рисица (по Маја) што ќе носи околувратник и ќе биде пратена со методот на радиотелеметрија и GPS-следење. Рисицата претходно беше снимена лани на истиот локалитет со помош на фотозамки. Таа засега е во добра состојба, а тоа го потврдуваат и првите лоцирања со помош на GPS-сигнал, кои ни го открија и нејзиниот прв плен по обележувањето – срндак уловен пред 4–5 дена.
Честа да ја именуваат рисицата им припадна на нашите пријатели од ЛД „Сокол-З“, кои одлучија оваа убавица да ја крстат Нарциса. Нарциса, ти посакуваме богат плен и голем пород!, соопштија од МЕД.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.