Коледарските огнови се предвесник на Бадник, според народните верувања се палат за да можат коледарите да се стоплат пред да одат од врата на врата и да ја шират радосната вест за раѓањето на Исус Христос собирајќи плодови. Оганот е симбол на оној во пештерата каде бил роден Спасителот. Ова е стара македонска традиција, вечерта пред Бадник да се дочека надвор, крај оган, со чашка греена рак ија во рацете, со погача, со македонски песни, со желби за здравје и бериќет.

Иако според толкувањата на МПЦ овие обичаи се пагански, граѓаните ги практикуваат како можност за дружење и зближување пред божиќните празници.

Свештениците поделени во ставот околу палењето на огновите и општата веселба. Дел од нив апелираат да се напушти славењето на Бадник со големи огнови на јавни места, со веселби на кои се пие алкохол, се јаде многу месо и се слуша гласна музика бидејќи оваа традиција е паганска практика и не е во духот на Бадник, кога треба да се покаже скромност и воздржаност , и посната бадникова вечера како навестување на големиот христијански празник на Христовото раѓање, кое треба да го сплоти семејството, и полноќната божиќна литургија не смеат да бидат заменети со маалските огнови и со култот на греаната ракија.

Но, други пак, сметаат дека нема ништо паганско во овој на чин на празнување. Различните ставови на свештениците ги збунија граѓаните.

Ние имаме долгогодишна традиција во маалото за палење оган и подготвување на богата трпеза како за возрасните така и за најмалите, кои неколку часа порано доаѓаат на нивната забава. Досега не се случиле инциденти, имало и многу музика, оро и стотици граѓани кои доаѓаат на прославувањето. Е, сега може и некоја чашка плус да се испие од греаната ракија, ама за циркулација, подобро да се издржи на ладното. Секогаш на ваквите собири имало и поп, една година и тројца беа дојдени. Некои попови велат дека ова се пагански обичаи, незнам, ама убаво е волку народ да се собере на едно место. Дали треба или не, и како треба овој обичај да се прави по правила посебни, незнам, ама ние си ја тераме онака како што се правело и пред десет години. Мора да се почитува адетот, па инаку стануваме се потуѓи”-вели жител на скопската општина Аеродром. Во палењето на огновите нема никаков паганизам, тврдеше отец Томе Петковски пред некоја година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.