Руската инвазија на Украина поттикна многу руски научници и новинари да потпишат отворено антивоено писмо.

Апелот, кој ги осудува постапките на власта на Путин и повикува на почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на украинската држава, досега е потпишан од 4.750 руски научници, интелектуалци, новинари и академици. Меѓу нив се и неколку членови на Руската академија на науките и добитникот на Нобеловата награда за физика во 2010 година, Константин Новоселов.

Отвореното писмо го пренесуваме во целост.

Ние, руските научници и научните новинари, изразуваме силен протест против вооружените дејствија што ги започнаа вооружените сили на нашата земја на територијата на Украина. Овој фатален чекор води до огромни човечки загуби и ги поткопува темелите на постоечкиот меѓународен безбедносен систем. Одговорност да започне нова војна во Европа лежи во Русија.

Нема рационално оправдување за оваа војна. Обидите да се искористи ситуацијата во Донбас како изговор за воена операција не влева никаква доверба. Јасно е дека Украина не претставува закана за безбедноста на нашата земја. Војната против Украина е неправедна и целосно бесмислена.

Украина беше и останува земја блиска до нас. Многумина од нас имаат роднини, пријатели и научни колеги кои живеат во Украина. Нашите татковци, дедовци и прадедовци се бореа заедно против нацизмот. Почетокот на војната поради геополитичките амбиции на раководството на Руската Федерација, поттикнат од сомнителни историозофски фантазии, е цинично предавство на нивните сеќавања.

Ја почитуваме украинската државност заснована на вистински функционални демократски институции. Со разбирање го прифаќаме европскиот избор на нашите соседи. Убедени сме дека сите проблеми во односите меѓу нашите земји можат да се решат по мирен пат.

Почнувајќи ја војната, Русија се осуди на меѓународна изолација, на позиција на земја на отпадници. Тоа значи дека ние, научниците, повеќе нема да можеме нормално да си ја вршиме работата. Конечно, спроведувањето научно истражување е незамисливо без целосна соработка со колеги од други земји. Изолацијата на Русија од светот значи натамошна културна и технолошка деградација на нашата земја и целосно отсуство на позитивни перспективи. Војната со Украина е чекор во ништо.

Огорчени сме поради сознанието дека нашата земја, која даде одлучувачки придонес во победата над нацизмот, сега стана иницијатор за нова војна на европскиот континент. Бараме итно запирање на сите воени операции насочени против Украина. Бараме почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на украинската држава. Бараме мир за нашите земји. Се занимаваме со наука, а не со војна!, стои во отвореното писмо.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.