Во многу делови од Македонија природата не ја штедела својата дарежливост, исцртала единствени и уникатни пејзажи, подигнала грандиозни планини, оформила длабоки и чисти реки и езера, им дала живост на многубројните водопади, пештери, извори, полиња, долини, клисури.

Во западниот дел од Македонија, во Мијачијата има многу села кои го одземаат здивот. Лазарополе, Галичник, Гари, Богомила…, но и Долно Дупени, Куклица и други.

Гари е бисер на мијачкиот крај.. Недопрена убавина на природата која те тера да се замислиш и да не можеш да решиш во кое годишно време е поубава.. Во ваков планински предел токму како грозд, под планината Стогово е распослано мијачкото село Гари.

Сега е помало од некогаш, но зрачи со историја. Куќи изградени во стар стил, но и модерни. Празно преку зима, преполно веќе од кога ќе се стопат снеговите. За добредојде еден кладенец од кој блика вода, да се знае дека  добредојде од сите гарци најпрвин ти посакува Гарска Река…

Лазарополе „таму најгоре“-како што вели песната, се наоѓа на  1.350 метри надморска височина, на работ од една висорамнина на Бистра, лежи второто по големина малореканско мијачко село и едно од највисоките селски населби во Македонија. Големата височина не му дозволува да има никакво земјоделско производство. Но, затоа има богата и долга историја од втората половина на 15 век.

Галичник е светски познато по Галичката свадба која традиционално се одржува секоја година на 12 јули – Петровден. Препознатлива е по единствените, оригинални и неповторливи свадбарски обичаи. На овој ден доаѓаат луѓе од разни краишта на светот да ја проследат оваа необична свадба. Дел од обичаите на Галичката свадба се: одење по невестата, чукање на тапаните, свекрвиното оро, носењето на невестата на вода, канење на мртвите, бричење на зетот, замесување на лебот, венчавање во црква итн.

Богомила може да ја посетите во било кое годишно време и во зависност од тоа да изберете речно капење и да ги испробате пливачките способности во студените води на „Тасески вир“ место веднаш до реката Бабуна. За излет може да изберете некоја од околните ливади со дабови сенки во непосредна близина на селото. Но, Богомила нуди благопријатни услови и за лов и риболов. Но доколку не сте риболовец, но сте гурмански расположени за речна пастрмка на само 7 км од Богомила во атарот на село Нежилово во автентичен амбиент е сместен ресторан и сместувачки капацитети.

Долно Дупени е одлична дестинација доколку навистина сакате да избегате од градскиот метеж и да се ослободите од секојдневните грижи и обврски. Верувајте дека ќе заборавите на сите обврски и стресови кои ве чекаат дома, бидејќи сите во Долно Дупени се толку многу опуштени и лабави. Тоа е така најмногу поради тоа што деновите течат на ист начин. Но, не е здодевно!

Куклица е селото за кое е врзана најпознатата легенда за ова место вели дека во дамнешно минато, на една свадба во селото Куклица се случила огромна трагедија. Една разочарана и вљубена девојка, била бесна поради тоа што момчето се жени за друга, па ги проколнала. Клетвата ги стигнала на денот на свадбата, кога веселејќи се, сите гости на веселбата, заедно со зетот и невестата, се скамениле. Локалните жители, тврдат дека на секои 5 до 6 години, се појавува по една нова камена кукла.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.