Симон и Џули го добиле своето прво дете Хенинг, а потоа и двајцата зеле неколку месеци родителско отсуство за да бидат дома со своето бебе, еден дел од времето заедно, а друг наизменично. Истото го направиле и две години подоцна кога се родила помалата сестра на Хенинг, Инез, а потоа се родил и Аксел, кој сега има две години.

Семејството Иргенс уживало вкупно три години платено родителско отсуство. „Ми беше особено важно тоа време да го поминам со децата од самиот почеток. На сите ни беше важно“, вели Симон, дански архитект кој се преселил во Норвешка, татковината на неговата сопруга Џули, во 2011 година.

„Тоа ми даде можност да се поврзам со нив уште на самиот почеток; тоа нè направи рамноправни родители уште од раната фаза на нивниот живот“, вели Симон.И двајцата родители се во интензивен период од животот – работата и децата, но велат дека имаат поддршка на работа.

„На нашето работно место постои заедничко разбирање дека децата и семејството се на прво место. Во 15:30 оставам сè и одам да ги преземам децата. Мислам дека фирмите не би ги привлекле најталентираните луѓе доколку не би понудиле ваков вид флексибилност“, вели Џули, која е писател. „Со задоволство плаќам данок. Толку многу добивам за возврат. Навистина имам чувство дека норвешкото општество вложува во нас“, вели Симон.

Силната социјална заштита во Норвешка, која вклучува дарежлива политика за породилно отсуство, е клучна причина поради која оваа држава со само 5 милиони жители редовно е оценувана како едно од најдобрите места за живот.Норвешка се најде на врвот на Извештајот за среќа спроведен од ОН во 2017 година, со високи оцени кога станува збор за показатели како нега, слобода, дарежливост, искреност, здравје, приходи и добро управување.

Исто така, Норвешка се најде на високо место на Индексот за просперитет за 2017 година спроведен од институтот „Легатум“, а во 2016 година беше оценета како најдобра демократија во светот, шестпати по ред од страна на консултантската компанија од Лондон, „Економист интелиџенс јунит“.„Повеќето луѓе чувствуваат дека се дел од демократијата и имаат чувство за заедништво во општеството. Норвежаните ги доживуваат своите политичари како обични луѓе, а не како елита“, вели Карл Ове Моене, професор по економија и лидер на истражувачкиот тим на Универзитетот во Осло.

Десет години наназад Моене се занимава со истражување на нордискиот модел – економска рамка заедничка за Норвешка, Данска, Шведска, Финска и Исланд што се залага за социјална еднаквост. „Раната интервенција во грижата за децата е доста важна за учество на женската работна сила“, вели тој.Политиката наклонета на родителството е само еден дел од благосостојбата на норвешката држава.

Сите се покриени со здравствено осигурување – тоа значи дека имаат бесплатна здравствена заштита во амбулантите – државата нуди бесплатни училишта и високо образование, а работничките правила и синдикатите се силни. Ако ја изгубите работата или се разболите, социјалниот систем ќе ве заштити, а владата ќе ви овозможи финансиска поддршка подолга од една година.

Една третина од државниот буџет, 468 милијарди круни, се одделува за помош на невработените, платените боледувања, пензиите, детскиот додаток и туѓата нега.Секако, ваквата политика е скапа. Норвешка поседува огромно богатство стекнато од заработката од нафтата. Исто така, даноците во оваа држава се високи. Но Норвешка има една од највисоките плати на светот, а има и добри оцени кога станува збор за еднаква плата за мажите и жените.

Норвешка не е утопија, и таа има свои социјални и еколошки проблеми.Иако е пофалена поради еколошките достигнувања – 98 отсто од електричната енергија во Норвешка доаѓаат од обновливи извори (главно хидроцентрали), иако е светски лидер кога станува збор за електрични автомобили, сепак, Норвешка е седми најголем извозник на штетни емисии, според извештајот на организацијата „Оил чејнџ интернешнл“.

Исто така, владата го отвори норвешкиот Арктик за барање нафта и покрај противењето од страна на еколозите.Бројот на луѓето што живеат во сиромаштија е во пораст, од 7,7 отсто во 2011 година на 9,3 отсто во 2015 година, според неодамнешното истражување спроведено од норвешката администрација за работа и социјална заштита.

„Богатите станаа побогати, додека популацијата со ниски примања стагнира. Тоа е поради зголемениот број на доселеници, поради миграцијата на работникот и поголем прилив на бегалци. Оваа популација има послаба позиција на пазарот на трудот од родените Норвежани“, вели Јингвар Асхолт, директор на Одделот за истражување и анализа при норвешката администрација.

Исто така, порасна и антимигрантското расположение во изминатите неколку години. На изборите во 2017 година популистичката Партија за прогрес добила повеќе од 15 отсто од гласовите за да остане во коалиција со конзервативната партија на премиерката Ерне Солберг.

Во саботните попладневни часови куќата на семејството Иргенс е исполнета со семејството, пријатели и деца. Огнот гори, некој игра монопол, а друг прави леб од ѓумбир.Ова е вообичаена карактеристика за скандинавскиот начин на живот: дружење со семејството и пријателите покрај огнот. Постои и збор „hygge“ што може да се преведе како удобност, пријатност, топлина, заедништво, опуштеност.

Овој скандинавски збор се најде и во речникот на „Оксфорд“ по англиски јазик.

Факти за Норвешка: Население: 5,25 милиониБДП по глава на жител: 70.812 долари. Породилно отсуство: 49 недели со 100 отсто плата или 59 недели со 80 отсто плата. Данок како процент од БДП: 19,7 отстоВо изминатите неколку години Норвешка, особено има направено неколку паметни измени во пензискиот систем кои беа од голема помош на граѓаните и работодавците. Норвешка беше на прво место во Natixis, Глобалниот индекс за пензионирање 2016, ранг листа на 43 земји, при што беа анализирани податоците за безбедноста на пензионирањето.

Во Норвешка, како и Шведска, Данска, Германија и остатокот од главните индустриски земји, работниците од јавниот и приватниот сектор се опфатени со некој вид на пензија.„Кога одам на конференции во Европа и кога им кажувам дека половина од американските работници немаат пензии тие се шокирани”, вели Ентони Веб, директор на SCEPA.Норвешка има обезбедено владини пензии заедно со мерките за социјална сигурност.

Но, во 2011 година земјата направи нешто прилично умно што се дозна насекаде. Норвешка го подобри приватниот пензиски систем познат како АФП, за да ги поттикне повозрасните Норвежани да останат вработени.Како Норвешка го подобри пензискиот системОд повеќето норвешки компании се бара да обезбедат АФП пензии на работниците кои се пред пензија.

Но, пред 2011 година, овие работници можеа да се пензионираат на возраст помеѓу 62 и 67, а големината на нивните АФП пензии зависeше од нивната заработувачка (значи тестирање) и немаше финансиска награда да го одложи примањето на бенефиции до 67 годишна возраст. Не е за изненадување, што повеќето работници почнаа да ги земаат нивните пензии на 62-годишна возраст.

Почнувајќи од 2011 година, АФП бенефицираните пензии веќе не подразбираа тестирања врз основа на приходите, па така Норвежаните нема да бидат казнети ако сакаат да продолжат да работат, додека добиваат бенефиции за пензионирање. И големината на пензиите сега расти секоја година, како што работниците одложуваат да се регистрираат како пензионери се до 75 години.

Што е резултатот од овие реформи? Процентот на работници кои се соодветни за АФП, кои бараат бенефиции на 62 години се зголеми од 30 на 50 проценти, но бројот на работници кои продолжија да работат по 62 години, се зголеми за околу 13 проценти.Со други зборови, традиционалната поврзаност помеѓу одлуката да се поднесе барање за пензија и да се престане да се работи беше отсечена.

„Најважната лекција е дека кога ќе се отстрани тестот на приходи и им се дава на луѓето флексибилност за тоа кога да почнат со нивните бенефиции, поголеми се шансите луѓето да продолжат да работат. Се чини дека луѓето ја ценат можноста да ги земаат бенефициите и да продолжат да работат“- вели за Forbes, Ола Л.Вестад, ко-авторот на студијата за реформите во пензискиот систем од 2011 година.

извор: Галама.мк

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.