Денеска се празнува Света Варвара. Нејзините мошти се наоѓаат во Киев, а светото предание сведочи дека таа повеќе пати се јавувала, некогаш сама, некогаш со Пресвета Богородица.

На овој ден се подготвува пченица за варење. Тој прв што ќе влезе во куќата наутро се вика „полезник”. Се смета дека е добро тој да е човек со „лесен полез”, поради што покануваат луѓе кои се сметаат за среќни, први да дојдат наутро и да бидат полезници, за претстојната година да биде среќна.
Верување меѓу народот е дека не се оди никаде на гости на овој ден, дома се седело. Се верува дека денес кој прв ќе ти влезе дома таква ќе ти е годината. Кој ќе те полази таква среќа ќе ти донесе, затоа народот верувајќи во ова гледал прво мало дете да ти стапне прво дома па среќа, радост, мила да ти биде годината. Или пак тој што ќе влезе да носи леб со него – за бериќет.

Празникот на Светата великомаченица Варвара народот најчесто го поврзува со заварување (затекнување), варење и сл.
Култот на Светата маченица Варвара особено популарен бил во Разлошко каде што се верува дека таа била од овој крај и дека тука настрадала. Овде се изведуваат интересни обичаи, се празнува со собири и панаѓури. Тогаш девојките и момчињата се облекувале во специјална облека, со специјални капчиња на главите оделе кај црквата „Света Петка“ над селото, таму играле и пееле, а потоа се враќале и во групи, ужинале во некоја куќа каде што специјално за нив се готвела храна. Потоа пак играле и пееле повеќе обредни песни меѓу кои и „Света Варвара букосава Свети Никола“.

Останало запишано дека на 4 декември луѓето се собирале кај изворот со топла и лековита вода да се измијат за здравје и исцелување од секакви болести. Од 1850 година ова празнување било пренесено на средата по Велигден зашто во зима било студено, со снег.
Инаку, преданието вели дека светата маченица Варвара потекнувала од овој крај и тука страдала. На местото каде што е убиена излегла вода со црвеникава боја за која се смета дека е од нејзината крв.
Во Радовиш на овој ден подготвувале пченка за варење за да се заварат (затечат) бучуци жито. Во овој крај со Варвара бил поврзан обичајот „полазувајне“ што се среќава и во други краишта на Македонија, иако во некои места овој обичај е поврзан и со некои други празници. Имено тој прв што ќе влезе во куќата наутро се вика „полезник“. Се смета дека е добро тој да е човек со „лесен полез“ поради што поканувале луѓе што ги сметале за среќни први да дојдат наутро и да бидат полезници. Полезникот носел неколку сламки и велел: „Дујде Света Варвара сус гуденца, сус пиленца, сус детенца, и бериќет и здравје и ксмет да имате во куќата“. Полезникот го честеле со кафе, слатко и др. а му давале и пари.

Обичаи поврани со полезник се изведувале и во Гевгелиско каде што овој обичај се изведувал на Мартинци. Освен тоа домаќинката мешала повеќе житни култури (пченка, јачмен, овес, просо и др.) ги варела и им ги давала на кокошките да им се разварат цревата и да несат повеќе јајца во текот на годината.
Варење жито на овој ден среќаваме и во Кумановско. Овде најчесто во ѓезве вареле пченка и пченица (мешан бериќет) и сите од куќата каснувале утрото пред да одат на работа. Тоа се правело за да не се запече полето да биде влажно како водата во ѓезвето и да тера бериќетот. Истиот ден се јадел варен грав за да не го тепа град полето. Во Велешко верувале дека од Варвара до Игнат денот се кревал колку врв од игла, а од Игнат до Васил пак како врв од игла.
Очигледно е дека култот на светата маченичка Варвара е доста раширен во Македонија. За тоа зборува и фактот што многу семејства овој ден го имаат за домашен празник и го празнуваат со домашни служби.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.