Во светиот и Велик Петок ги славиме светите, спасителни и страшни страдања на Господ Бог и Спасителот наш Исус Христос, коишто Он заради нас доброволно ги прими: плукањето, тепањето, шлаканиците, навредувањата, исмејувањето, багреницата, трската, сунѓерот, оцетот, клинците, копјето и, на крајот – Крстот и смртта, а сето тоа се изврши во петок.

Нека овој најтажен ден во христијанството биде ден кога повеќе ќе водиме сметка за тоа што го зборуваме, а помалку на тоа што го јадеме. Велик Петок е еден од најтажните денови во христијанството. На тој ден исус Христ е распнат на крст на Голгота. Овој празник е ден на голема жалост и се обележува со строг пост, воздржување од веселба и прослави, а според традицијата на овој ден не се работат никакви работи, ниту дома, а црквените ѕвона овој ден не ѕвонат.

Ви предлагаме 5 јадења на вода кои можете да ги јадете на Велик петок:
Палента на вода

Направете палента со малку сол. Во посебен сад издинстајте малку кромид и лук, полијте со сос од домати во кој сте додале малку оригано и сол, па оставете се’ да проврие. Палентата полијте ја со сос од домати и уживајте!

Крем чорба

Потребно е: 2 компири, 2 моркови, 1 главичка кромид, 300 г спанаќ, 3 чена лук.
Подготовка: зеленчукот ставете го во соодветен сад, налијте со вода и насолете. Варете на ниска температура околу еден час. Со блендер или стапен блендер измиксирајте го зеленчукот. Послужете со коцки сув леб.

Пита со праз и ориз

Потребно е: 1 страк праз, 300 г варен ориз, сол, црн пипер, минерална вода, кори за пита.
Подготовка: празот исечкајте го па динстајте на малку вода. Кога ќе биде издинстан додајте варен ориз и зачинете по вкус.
Одвојте една кора, накапете со минерална вода, потоа на неа згужвајте уште една кора и обилно нанесете од филот, завиткајте и ставете во тава. Кога ќе ги наредите сите кори, се’ наросете со минерална вода и ставете во рерна загреана на 200 степени и испечете.

Грав на вода

Потребно е: 500 г грав, 250 г кромид, 1 морков, 1 сува пиперка, 2 лажици брашно, црвен пипер, сол.
Подготовка: Навечер накисенете го гравот. Утредента исцедете го, налијте со друга вода и ставете да зоврие. Повторно исцедете и налијте вода. Додајте сечкан кромид и морков, сува пиперка и варете додека гравот не се развари. Брашното разматете го во малку вода, додајте малку црвен пипер, па се’ вмешајте во гравот што врие. Зачинете по вкус и тргнете го садот од ринглата.

Рижото од зеленчук

Потребно е: 150 г грашок, 150 г морков, 150 г пченка, околу 1 шолја ориз, сол, црн пипер, свеж магдонос, куркума (по желба).
Подготовка:во малку вода сварете го зеленчукот па кога ќе биде готов додајте го оризот. Оставете нека врие околу десет минути, а потоа тргнете од ринглата. Додајте сол и црн пипер и свеж магдонос и се измешајте. Куркума можете да додадете по желба.Оставете рижотото малку да отстои па послужете.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.