Учениците во актерската школа на Весна Петрушевска планираат да подготват претстава во чест на големиот македонски драмски писател Горан Стефановски. Претставата ќе се реализира доколку здравствената состојба тоа го дозволи, велат од Актерската школа на Весна Петрушевска.

Претставата, во зависност од тоа какви ќе бидат здравствените услови, ќе ја реализираме со нашите соработници од Македонскиот народен театар, додаваат оттаму.

Инаку, од денеска започнува учебната година по актерска игра во Актерската школа на Весна Петрушевска. Наставата ќе се одржува во групи и тоа по 10 ученици, со спроведени протоколи за заштита од Ковид-19.

Оваа година, актерската школа и КМК Продукција заедно со Општина Центар и компанијата „Пакомак“ спроведуваат општествено одговорен проект, „Учиме преку актерска игра“, преку кој 12 талентирани ученици од територијата на Општина Центар ќе бидат стипендирани и ќе ја имаат можноста да се запознаат со магијата на актерската игра.

За овие ученици ќе се отвори нов свет кој ќе им овозможи да се впуштат во имагинацијата и да уживаат во својата креативност. Предавањата во Актерската школа ќе влијаат и врз подобрување на дикцијата, литературно говорење, надминување на пречките при јавно говорење. Дополнително во ова време, кога младите својата комуникација најмногу ја извршуваат преку социјалните мрежи, овие предавања ќе им ја подобрат и комуникацијата лице влице, велат од КМК Продукција.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.