Маж на возраст од 66 години е уапсен за кражбата на тоалетната школка од масивно 18-каратно злато од замокот „Бленам“, но самото уметничко дело се уште не е пронајдено, информираа светските агенции.

Златната WC школка, проценета на повеќе од пет милиони долари, е дел од изложбата на италијанскиот концептуалист Маурицио Кателан, пренесоа британските медиуми.
Делото, наречено „Америка”, е замислено како сатира за прекумерното богатство во светот. Тоа е целосно функционално и е поврзано со канализација. Затоа неговото демонтирање предизвикало значителни штети.

Крадците вчераутро упаднале во замокот „Бленам“, каде е роден Винстон Черчил. Заради инцидентот изложбата беше привремено затворена, а денеска повторно ќе почне да прима посетители.

Златната тоалетна школка „Америка” од септември 2016 до летото 2017 година беше изложена во музејот „Гугенхајм“ во Њујорк. Музејот тогаш предложи да му ја даде на Доналд Трамп место побараната слика од Винсент Ван Гог, но претседателот тоа го одби.

Дворецот „Бленам” му припаѓа на 12-от херцог од Марлборо. Во август брат му Едвард Спенсер-Черчил, кој е основач на фондацијата за уметност „Бленам”, изјави дека не предвидува специјално обезбедување за златното уметничко дело затоа што тоа не е „најлесното нешто за крадење“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.