Турскиот авиопревозник „Туркиш ерлајнс“ објави нето загуба од 2,23 милијарди турски лири (315,9 милиони американски долари) во вториот квартал во кој влијанието на епидемијата на коронавирус започна да се одразува во деловните резултати. Оваа загуба е над проекцијата на компанијата за загуба од 2,13 милијарди лири.

Продажбата на оваа авиокомпанија во вториот квартал се намали за 67 отсто во однос на истиот период лани, додека вкупната продажба во првото полугодие изнесуваше 21,5 милијарди лири, пишува турскиот „Дејли Сабах“.

Авиокомпанијата ги прекина домашните и меѓународните летови во април и мај поради пандемијата и постепено ги обнови на почетокот на јуни.

Компанијата, која е највредниот турски бренд, во истиот период минатата година забележа нето добивка од 133 милиони лири, а со најновите податоци годинашната нето загуба се зголеми на 4,26 милијарди лири, што покажува колку негативно влијаеле ограничувањата поврзани со коронавирусот во воздушен сообраќај.

Во второто тримесечје, приходите од карго превозот, во меѓувреме, се зголемија за 90 отсто во споредба со истиот период лани сметано во долари. Приходите од патници и техничките приходи се намалени за 96 отсто и 61 отсто соодветно, додека консолидираниот промет врз основа на американскиот долар се намали за 72 отсто, а во турски лири за 67 отсто.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.