Кеси Хатвеј, тригодишно момче кое преживеа две ноќи на студ во шума, вели дека го чувала мечка.

Спасувачите го прoнашле момчето во трнлива грмушка во округот Кравен, во американската држава Северна Каролина, во близина на местото каде што исчезнало од домот на неговата баба, пишува „Гардијан“.

Тој исчезнал во вторникот кога температурата била многу ниска, а потрагата по него нешто подоцна била стопирана поради силните дождови и ветришта. Кеси го пронашла полицијата кога минувач го чул додека плаче и ја повикува својата мајка.

„Не можеше детално да објасни како бил во состојба да го преживее ова. Рече дека има пријателка во шумата која е мечка и постојано била со него“, изјави шерифот Чип Хју.

Зборовите на момчето ги повтори и неговата тетка, која на „Фејсбук“ напиша: „Кеси е здрав, се смее и зборува. Рече дека се дружел со мечка два дена. Бог му испратил пријател да го чува. Се случуваат чуда“.

Слична објава напиша и бабата на момчето.

„Ова дете со денови беше изгубено во шума на студени температури, дожд, мрачни ноќи и ветер. Ни кажа дека негов најдобар пријател била мечка која му помогнала да биде на сигурно“, додава таа.

Северна Каролина изобилува со кафеави мечки кои обично не се агресивни кон луѓето, пишува весникот и коментира дека можеби покрај момчето немало мечка, туку е во прашање само детска фантазија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.