Ладно и снежно неделно утро. На социјалните мрежи се прошири веста дека двајца планинари од Македонија загинале на Кајмакчалан. Медиумите пренесуваа вест дека веројатно станува збор за младо момче и млада девојка, на возраст од 26 и 35 години од Македонија, кои во 23 часот и 30 минути биле пронајдени мртви. Групата планинари кои го искачувале Кајмакчалан пред себе имала разорен ветар, кој дувал и со брзина од 150 километри на час, додека температурите се спуштале под минус 20 степени.

Официјалните медиумски извештаи пренесуваа дека грчката противпожарна служба добила повик за помош и од 14,30 часот и тогаш започнала спасувачката акција со три возила и 13 спасувачи. Доцна во ноќта, планинарите биле лоцирани во непрооден дел, но за жал не давале знаци на живот.

Лошите временски услови на Кајмакчалан дополнително ја отежнуваа работата на спасувачките екипи. По исчезнатите се трагаше со хелихоптер, а во акцијата беа вклучени македонската гранична полиција, Центарот за управување со кризи, а на помош беа повикани и искусни алпинисти од горската служба.

Тој кобен ден, неколку часа подоцна неофицијално беше објавено дека станува збор за планинарите Калина и Александар. Нивните тела беа пронајдени на 2.524 метри надморска височина.

Планинарите и пријателите на Ачко и Калина со неверување ја примија веста за нивната смрт. Оние ги познаваа знае дека се скромни, ведри и храбри луѓе со големи срца. Информацијата за нивното загинување предизвика тага и болка. Александар и Калина беа испратени во своите вечни почивалишта од голема бројка на луѓе кои дојдоа да им одадат почит, а сеќавањето и болката за нив и денес после три години не стивнува. Калина беше вљубена во убавиот збор и една година подоцна во нејзина чест беше беше промовирана книгата ,,Дневникот на една планинарка.

Минатата година, на површина од илјада квадратни метри се посадија садници од шумата „Калина и Александар“, која е во формирање. Таа се наоѓа на 600 метри надморска височина, под врвот Клепа во Општина Градско. Десетина волонтери, вљубеници во природата од еколошката групација „Зелена сила“, засадија 400 садници бреза, чемпрес, јавор, јасен и бел бор, донација од ЈП „Македонски шуми“. Просторот се наоѓа на границата меѓу општините Градско и Росоман.

Две години подоцна Основното јавно обвинителство Скопје донесе Решение за отфрлање на кривична пријава против водичот на планинарската тура, во која загинаа двајцата млади планинари, Калина Велеска и Александар Миновски. Истрагата утврдила дека на 10.02.2018 година на планината Ниџе, двајцата планинари при искачување на врвот Кајмакчалан во Република Грција, ги загубиле животите како резултат на несреќен случај, како и дека не се утврдило дека некое друго лице направило пропуст за да дојде до смртен исход кај двајцата планинари.

Твитерџиите во текот на вчерашниот ден се потсетија на трагичниот крај на овие два млади животи.

„Како што тече време се повеќе ми е жал што смртта на Калина и Ачко не беше катализатор на промени за безбедност во планинските спортови. Тоа што тажиме за нив ќе си остане, ама бар надлежните да направеа нешто за да бидат спречени други планинари да завршуваат млади под земја“, напиша Дарко Арсовски на твитер.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.