Во преполно бифе на МКЦ, со грутки во грло, солзи во очите, премногу емоции собрани на едно место и безброј прашалници кои лебдеа во воздух беше промовирана книгата „Дневникот на една планинарка“ напишана од Калина Велевска која заедно со Александар Миновски загинаа на врвот Кајмакчалан, точно пред една година.

Домаќинот на промоцијата, таткото на Калина, Марјан Велевски упати посебен поздрав до родителите на Александар, кои исто така беа присутни, бидејќи како што кажа, тој бил момчето кое останало во последните часови од својот живот со Калина.

„Ачко, како што го викаше Калина, се обидуваше на секој начин да ја заштити, да ја спаси давајќи и дури и дел од својата гардероба, но суровата природа си го стори своето.

Засега останува нејасно, зошто во хаосот што се создаде на врвот Кајмакчалан, некој ја пуштил гласината за наводно исчезнати мајка и дете и зошто само Калина и Александар тргнале по нив. Како што е нејасно, зошто најавената помош не успеала да стигне до нив, кога тие биле лоцирани во раните попладневни часови. И тука би застанал“, рече Велевски.

Тој додаде дека Калина ги сакаше планините и луѓето, и поради тоа одлучиле да сторат нешто што ќе го чува споменот за неа и нејзината страст кон планината и нејзината љубов кон луѓето со кои ја споделуваше таа страст, односно кон планинарите.

Средствата собрани од продажбата на оваа книга ќе ги насочиме онаму каде што тие ќе помогнат во зголемување на безбедноста на планина, за планинарите и љубителите на природата. На тој начин да остане сочувано сеќавањето на планинарката Калина“, додаде Велевски кој потоа прочита фрагмент од книгата:

Додека одев по патот си размислував, колку километри имам поминато низ нашата земја и колку предели, планини, села, мостови, манастири, џамии имам поминато во овие наши прошетки, а потоа помислив и на луѓето што ги среќавав по патот, кој ми станаа другари од првото здраво и кои кога и да ги видам чувствувам радост и среќа зошто ме потсетуваат на најсреќните и најбезгрижните денови. Ве сакам и ви благодарам на сите“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.