Годинашниов Интернационален струмички карневал ќе се одржува од 2 до 9 март, но во редуцирано издание и со строго почитување на здравствените протоколи за јавни настани во услови на пандемија од Ковид-19.

Ова го соопшти денеска градоначалникот Костадин Костадинов, кој истакна дека вековната карневалска традиција на Градот под Царевите кули не може да има подолги паузи.

Тоа ќе ги демотивира карневалските групи да не учествуваат во иднина на карневалот. Карневалот ќе се одржи, но ќе биде од локален карактер. Покрај карневалистите од Струмица, ќе бидат поканети по еден претставник од карневалските групи од странство кој најчесто учествуваа. Барање на струмичани е да не престане вековната традиција и апелирам до сите максимално да ги почитуваат мерките и протоколите за заштита од пандемијата, изјави Костадинов.

Главната карневалска вечер ќе се одржи на 5 март и оваа година новина е тоа што во карневалското дефиле е со скратена маршрута и во него ќе учествуваат само домашни карневалски групи и поединци.

Карневалските празнувања ќе траат осум дена. Ќе почнат на 2 март со предавање на клучот од градот на карневалџиите, а ќе завршат на 9 март, на празникот Тримери, со тримерски ручек и враќање на клучот.

Во деновите на карневалското празнување ќе се одржат концерт под маски на музичкото училиште „Боро Џони”, маскенбал, детски карневал, бел грав на градскиот плоштад, доделување награди на најдобрите карневалски маски, афоризми, карикатури и литературни творби на тема карневал, карневалско село-забава на плоштадот, а ќе биде промовирана и монографија по повод 30-годишниот јубилеј од orганизараното одржување на карневалот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.