Двегодишно дете, кое вчера се изгубило во шума кај село во источна Србија, било пронајдено живо и здраво, без никакви повреди, јавуваат српските медиуми.

Момчето си играло со својот брат во дворот, а кога братот влегол во куќата, а родителите по пет минути излегле надвор да го земат момчето, тоа веќе не било ниту во дворот, ниту во близина.

Веднаш била организирана масовна потрага по момчето, а по неколку часа го пронашол полицаецот Урош Петровиќ, кој од пред неколку месеци е вработен во МВР и се уште има статус на приправник.

Тргнавме да се качуваме по шумскиот пат и тука го најдовме како стои. Јас го видов и веднаш се затрчав кон него. Детето малку заплака, но кога го зедов во раце, престана да плаче и почна да се смее, вели полицаецот Петровиќ, кој има само 20 години.

Момчето било пронајдено во шумата на околу 300 метри од куќата, без повреди и во стабилна состојба. Тоа било задржано во текот на ноќта на педијатриско одделение, само за набљудување, но било весело, расположено и сѐ било во ред со него, па било пуштено дома.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.