Словенечката компанија „ЕТИ Излаке“, производител на електрични апарати и опрема, е првата компанија во таа земја што одлучи да ги стимулира финансиски вработените кои се вакцинирани против ковид-19.

Постојано вработените и работниците привремено ангажирани преку агенциите за вработување ќе добијат еднократна парична награда за стимулирање од 70 евра бруто, доколку докажат дека биле вакцинирани до средината на август, пренесува Хина.

Одлуката на раководството ја поддржа главниот инфектолог во стручниот тим на словенечката Влада, Матеја Логар, велејќи дека го разбираат товарот што го трпат работодавците заради оние што одат дома во карантин и боледување.

Сепак, синдикатот на вработените изрази скептицизам, а некои работници велат дека нема да бидат вакцинирани и дека се против воведување на „дискриминација“ помеѓу вакцинираните и оние кои не се, според Хина.

Генералниот директор на „ЕТИ Излаке“, Томаж Бергинч, рече дека компанијата извезува дури 90 проценти од своите производи, поради што не можат да си дозволат поголеми паузи во производството поради болест.

Тој објасни дека тие се одлучиле за финансиски поттик за вакцинација, следејќи го примерот на големите меѓународни корпорации како Старбакс, Мекдоналдс, Алди и Лидл.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.