Во јануари 1913 година од полски Краков со воз во Виена пристигнал човек на кој во пасошот му било испишано името Ставрос Пападопулос. Тој имал потемен тен, густи мустаќи и носел скромен дрвен куфер.

Седев на маса кога некој тропна на вратата, таа се отвори и внатре влезе непознат човек, многу години подоцна напишал човекот што се сретнал со дојденецот. Беше низок, тенок, сиво-кафеавата кожа му беше покриена со лузни од сипаници. Во неговите очи немаше ништо пријателско.

Авторот на овие зборови бил Лав Троцки, руски дисидент и уредник на „Правда“.

Човекот што тој го опишал всушност не бил Пападопулос. Тој бил роден како Јосиф Висарионович Џугашвили, на пријателите им бил познат како Коба, а историјата го памети како Сталин.

Троцки и Сталин биле меѓу многуте личности што во 1913 година живееле во центарот на Виена, а чии животи во голема мера ќе ги обликуваат настаните во 20 век.

Меѓу нив, сепак, имало разлика – Троцки и Сталин таму се криеле зашто биле во бегство, додека, на пример Зигмунд Фројд веќе бил познат во јавноста.

Познатиот психоаналитичар, од следбениците славен како човекот што ја отвори вратата кон тајните на умот, живеел и работел во улицата Бергасе.

Младиот Јосип Броз, подоцна познат како југословенскиот лидер маршалот Тито, работел во фабриката за автомобили на Дајмлер во Виенер Нојштад, гратче јужно од Виена.

Тука блиску бил и 24-годишникот од северозападна Австрија, чии соништа да се запише на Виенската академија за ликовни уметности и да стане сликар двапати завршиле со неуспех, па сега живеел во евтин конак за гости во Мелдерманштрасе, во близината на Дунав. Неговото име било Адолф Хитлер.

Во своето величествено сеќавање на градот во тоа време, „Гром на самрак“, Фредерик Мортон си го замислува Хитлер како им држи говори на своите цимери „за моралот, расната чистота, за германската мисија и словенското предавство, за Евреите, Језуитите и масоните“.

И Троцки и Хитлер пиеле кафе под величествените лакови на Кафе Централ

Владеејќи ги сите, во градската балата Хофбург се наоѓал веќе остарениот император Франц Јосиф, кој владеел уште од времето на големата година на револуции, 1848.

Надвојводата Франц Фердинанд, неговиот наследник, престојувал во блиската палата Белведере, со нетрпение чекајќи го престолот. Неговиот атентат наредната година ќе ја предизвика Првата светска војна.

Виена во 1913 година била главен град на Австро-Унгарската Империја, која се состоела од 15 земји и над 50 милиони жители.

Поданиците на империјата зборувале на десетина јазици.

Офицерите на Австро-унгарската армија морале да знаат да даваат команди на 11 јазици, освен германскиот, а националната химна имала официјален превод на секој од нив.

Овој уникатен спој создал свој културен феномен, виенската кафетерија. Легендата потекнува од вреќите кафе оставени од османлиската војска по неуспешната турска опсада во 1683 година.

Кафетеријата Ландман, многу често посетувана од Фројд, до денес е мошне популарна

Омиленото свратилиште на Фројд, кафетеријата Ландман, сè уште стои на Ринг, реномираниот булевар што го опкружува историскиот градски округ Инерештат.

Троцки и Хитлер често оделе во Кафе Централ, на само неколку минути од таму, каде што страстите на патроните биле тортите, весниците, шахот и, пред сè, разговорот.

Никој не знае дали Хитлер налетал на Троцки и дали Тито го запознал Сталин. Пожарот што еруптираше следната година уништил голем дел од интелектуалниот живот во Виена.

Империјата се урна во 1918 година, вивнувајќи ги Хитлер, Сталин, Троцки и Тито во кариери што засекогаш ќе ја обележат светската историја.


Извор: Би-би-си

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.