Еден златен и еден сребрен медал, како и олимписка пофалба, освоија тимот македонски средношколци кои учествуваа на 28. Балканска олимпијада по информатика (БОИ 2021), која од 2 до 29 ноември се одржува во Шумен, Бугарија. Тоа е највисок резултат на нашите ученици досега на овој престижен натпревар во програмирање, соопшти Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ).

Тимот го сочинуваа учениците Благојче Павлески, Марко Таневски, Андреј Шекеров и Тео Китановски, предводени од лидерите д-р Емил Станков и Мартин Динев од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

БОИ 2021 се одржува онлајн поради Ковид-пандемијата, а на настанот учествуваат 37 од најдобрите средношколци во областа на компјутерските науки, избрани преку годишните национални натпревари во програмирање во десет земји: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Грција, Македонија, Молдавија, Романија, Србија и Словенија.

Во ваква силна конкуренција, историскиот златен медал за Македонија го освои Благојче Павлески од  Прилеп, ученик во четврта година во ПСУ „Јахја Кемал“ во Скопје. Ученикот Марко Танески, исто така од Прилеп, освои сребрен медал што го става во неколкутемина на комплетната листа на освојувачи на сребрени медали за нашата земја. Овој огромен успех беше дополнет и со резултатот на Андреј Шекеров  од Скопје, кој освои олимписка пофалба. Дополнително, на Шуменскиот турнир, интернационален натпревар кој се одржува онлајн паралелно со Балканската олимпијада, Сара Стефановска од македонскиот јуниорски тим освои бронзен медал. Сара е ученичка од Крива Паланка запишана во Математичко-информатичката гимназија во Скопје. Таа за ова одличје се избори во конкуренција на 168 натпреварувачи од петнаесетина земји – информираат од ЗИМ.

Според д-р Миле Јованов, претседател на ЗИМ и долгогодишен претседател на Балканската олимпијада, резултатот на овој натпревар е продолжување на традицијата на успешни претставувања на земјава на интернационалните информатички олимпијади во последниве десетина години и уште една нова потврда за знаењата и вештините од областа на компјутерските науки што ги поседуваат нашите ученици.

Успехот се должи на напорите на Здружението редовно да работи со талентираните ученици, како и воведувањето на информатиката и темите од програмирање во основното и средното образование во првата половина на претходната деценија. За жал, со последните измени и нови концепции информатиката се маргинализира, а гласот на Здружението, кое претходно беше двигател на позитивните промени, сега се игнорира од државните институции. Со ваквиот пристап, расте мојата скепса за идни големи успеси во областа на информатиката во нашата земја – вели Јованов.

Тимот што учествува на олимпијада по информатика  се избира во целогодишен циклус натпревари кој го организира ЗИМ, годинава поддржан од ФИНКИ и  од компаниите „Нетцетера“ и „Семос Едукација“. Натпреварите се одржуваат преку системот mendo.mk кој е одржуван волонтерски од ЗИМ и е достапен во текот на целта година за сите заинтересирани натпреварувачи.

Следната, 29. Балканска олимпијада по информатика (БОИ 2022), треба се одржи идната година во Љубљана.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.