Поранешната сопруга на основачот на „Амазон“, Џеф Безос, мултимилијардерката Мекензи Скот, повторно се омажи. Нејзиниот нов сопруг е наставникот во средно училиште, Ден Џевет.

Мекензи Скот, беше во брак со Џеф Безос 25 години. Тие се разведоа во 2019 година, при што таа доби 4 отсто од акциите на „Амазон“. Мекензи  во последните неколку месеци стана позната како личност која донирала најмногу пари во добротворни цели. „Форбс“ проценува дека таа располага со 53 милијарди долари, а минатата година донираше речиси шест милијарди.

Покрај тоа што му помогна на Безос да ја подигне „Амазон“, Мекензи Скот напиша и два романи.

На веб-страницата на „Амазон“ сега стои дека таа „живее во Сиетл со своите четири деца и сопругот Ден“. На веб-страницата, пак, на непрофитната организација „Giving Pledge“ е објавено писмо од Ден Џевет, наставник по природни науки во училиштето „Лејксајд“ во Сиетл, каде што учат децата на Мекензи Скот. Џeвет порачува дека е благодарен за исклучителната привилегија што ќе ја има во партнерството донирајќи пари кои потенцијално можат да направат многу добри нешта.

Среќна случајност, се омажив за една од најдарежливите и најљубезните личности што ги познавам и ѝ се придружив во обврската да пренесам понатаму огромно финансиско богатство служејќи им на другите – пишува Џевет.

Како што пишува „Њујорк тајмс“, Џеф Безос изјавил за новинарите дека Ден е одличен и дека е многу среќен и возбуден поради нив двајцата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.