Поради рестриктивните мерки поради кои беа затворени рестораните, пабовите и баровите во Германија, една пиварница во Диселдорф останала со вишок од 6.000 литри од своето пиво со бакарна боја „Алтбир“, на кое му се приближувал истек на рокот на траење.

Со цел да го спаси пивото од расипување, пиварницата „Фојхшен“ одлучила да се здружи со десетина помали пекарници, кои користат варен јачмен и други житарки што се употребуваат при процесот на подготовката на пивото, и заедно го развиле производството на тамошниот пекарски полусолен специјалитет – векна леб со вкус на пиво „треберброт“.

Би било штета да се истури толку вкусно пиво. Така го смисливме „лебот од пиво“ – при мешањето на тестото целосно ја изоставиме водата. Одлично е што овие две занаетчиски дејности вака ги здруживме – вели Питер Кених, чие семејство работи во пиварницата од 1908 година.

Десетина пекарници од оваа недела го произведуваат, регионален специјалитет „треберброт“ збогатен со пиво, а купувачите со секоја векна добиваат подарок и шише пиво „фојхшен алтбир“.

Новиот леб заситува, вкусен е, со златна, крцкава кора и мека средина – вели пекарката Јаника Дерксен, чие семејство ја води пекарницата „Коелвен“.

Таква векна таму се продава за 3,95 евра сосе шишето пиво.

Продажбата на пивата во Германија опадна поради карантинот, па рестораните, пабовите и баровите се затворени од почетокот на ноември, освен оние „за носење“. Тоа е проблем особено за многуте германски мали пиварници, каква што е „Фојхшен“, која сега нема кому да му го испорача својот производ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.