Семејството Ивановски од Делчево живее во дом кој се распаѓа над нивните глави. На фејсбук-страницата на хуманитарната организација „Подари насмевка“ се организира акција за помош, а секој од нас може да помогне.

Таткото на дечињата моментално се наоѓа во болница во Штип. Тој е сега неспособен за работа бидејќи на работното место една од машините му ја здробила раката. Со една плата го издржувал семејството, а сега е во многу тешка состојба и потребна му е наша помош, велат од „Подари насмевка“.

Оттаму споделија фотографии од кои се гледа дека таванот од куќата се распаѓа над главите на семејството Ивановски.

Двете дечиња немаат ни кревети, ни ормари, а камо ли биро и опрема и за онлајн учење. Упатуваме апел да се собере што повеќе материјал за внатрешно уредување на нивниот дом, како би делувале што е можно побрзо за да го стоплиме овој дом со затворени прозорци и врати, со огрев и сигурен покрив над глава, стои во апелот на „Подари насмевка“.

Очекуваат масовна поддршка од хумани луѓе, фирми и организации, па за таа цел имаат отворено девизна и денарска банкарска сметка, а со собраните пари да ги обезбедат потребните материјали што ќе го направат домот на Ивановски пристојно и топло место за живеење.

Во меѓувреме, кој колку може да им донира и достави храна и топла облека на овие луѓе кои ќе ви возвратат со топла насмевка. Подајте рака некому, Господ ќе ви врати тродупло, велат од оваа хуманитарна организација.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.