Почина професорот и воен историчар д-р Александар Стојчев

Калеидоскоп 19.04.2021 / 10:49

По кратко боледување и компликации како последица на Ковид-19, вчера на 46-годишна возраст во Скопје почина универзитетскиот професор и воен историчар д-р Александар Стојчев.

Професорот Стојчев од 2006 година бил раководител на Службата за воена историја – Воен музеј во Министерството за одбрана а претходно во периодот од 2002 година до 2006-тата година бил асистент по Воена историја на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје.

Во својата професионална кариера тој бил и доцент и вонреден професор на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје за област Воена историја и наставник по предметот „Балканските војни и Првата светска војна“ на Универзитетот Гоце Делчев во Штип.

Тој е автор на повеќе книги од областа на воената историја а меѓу најпознатите и најкористените се „Букурешкиот мировен договор и поделбата на Македонија во 1913 година“, „Студија за формирање на Музеј на Првата светска војна“, „Нобеловците и АРМ за мирот“, „Дојран 1915-1918 (Воени операции)“ како и „Историја на воените мапи на Република Македонија“.

На пошироката јавност, професорот Стојчев ѝ беше познат по документарните телевизиски емисии за историјата на Република Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


Comments are closed for this post.