Македонското журналистичко друштво остана денеска без еден од неговите извонредни членови – Слободан Петровиќ – Цобе почина на 78 години. Петровиќ беше заљубеник во две нешта во неговиот живот – во новинарството и планините. Во новинарството остави огромен белег како уредник на „Екран“ и „Пулс“, а во планините беше еден од најпосветените агитатори за пешање на ридовите, особено на онаа легендарна тура околу црквите и црквичињата (цели и разурнати) на висовите околу Матка.

Петровиќ беше новинарска рожба на на школата на „Нова Македонија“ во нејзините златни денови. Она што го истакнуваше од другите исто сјајни новинар е што имаше неверојатен усет за уредник. Тоа го покажа уште многу млад како уредник на „Екран“, кога овој магазин главно посветен на светотот на забавата го трансформираше во неделник кој сите го купуваа на трафиките. И во него наоѓаа работи каде што на друго место не можеа да ги најдат.

Неговото уредникување со „Пулс“, првиот вистински политички неделник во Македонија, е посебна успешна приказна. Тоа беше политички магазин според сите узанси на новинарството – со извонредна новинарска екипа и со добро структурирана содржина. Она што го објавуваше „Пулс“ во првите години на постоењето (кога уредник беше Цобе) и денеска се цитира кога аналитичарите сакаат да ги објаснат корените на некои политички збиднувања и развои.

Во својот текст за смртта на Цобе, познатиот новинар Звездан Георгиевски (член на екипата на „Пулс“) даде специфично толкување за новинарскиот сенс на Петровиќ: „Цобе беше еден од ретките комплетни новинари, кој знаеше дека пласманот на текстот и неговата опрема се подеднакво важни како и неговата содржина, дека нема добра содржина без добра форма. И обратно: не постои добра форма без добра содржина“.

Минатата година ја доби наградата „13 Ноември“ на Град Скопје за публицистика за книгата „Фантазморгија: Ода за дрвото“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.