На 82-годишна возраст почина Мухамед Каба, кој во седумдесетите години, во времето на социјализмот, беше претседател на Општина Дебар (градоначалник). Дипломирал на Економскиот факултет во Скопје како втор најдобар студент на цела генерација со просечна оценка на студиите од 9,3. Каба бил и првиот магистер во Дебар.

Мухамед Каба бил градоначалник на Дебар во два мандата, oд 1974 до 1982 година. Роден е во Дебар 1941 година, каде завршил основно образование, средно економско завршил во Скопје, каде што ги продолжил и студиите на Економскиот факултет.

По дипломирањето се враќа во родниот град, во фабриката за производство на килими „Новост“, каде што реализира повеќе инвестициски програми за проширување на производните капацитети со германска, француска, италијанска, полска и англиска технологија. За тоа време, фабриката го зголемила до илјада бројот на вработени. Како економски експерт подготвил и реализирал повеќе инвестициски програми во повеќе сектори во Дебар, како што се: во индустријата, земјоделството, градежништвото и транспортот. Во април 1974 година на редовните избори на 33-годишна возраст е избран за претседател на општина Дебар. Неговиот прв мандат завршил во април 1978 година и бил реизбран. Во периодот 2001-2005 година работеше како професор на Економскиот факултет на Универзитетот во Тетово по предметите Математика, Сметководство и Статистика.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.