Бранка Станковска, легендарната радио и тв спикерка и водителка, почина денеска во Скопје, потврди семејството.  Станковски почина на 90-годишна возраст, објави нејзината внука Ирина Костовска.

Тивко во сон си замина мојата баба Бранка Станковска. Дочека да биде и чукунбаба, имаше убав живот, изгледа внуци, правнуци и праправнука. Имам прекрасни спомени од неа, можеби затоа што бев прва внука па бев привилегирана од мала да поминувам повеќе време со неа. За работата што да напишам, беше вистински професионалец дури и по нејзиното пензионирање беше активна и се уште може да се слушне нејзиниот глас на радио програмите. ТОЧНО Е 12.00 часот. Почивај во мир бабо и после многу години ќе се сретнеш со својата единствена и голема љубов, дедо Бошко, напиша на Фејсбук нејзината внука Ирина Костовска.

Станковска целиот работен век од 39 години (1948-1987) го помина во Македонската радиотелевизија. Нејзината најава на првиот телевизиски пренос од Црн Врв на 5 јуни 1964 е почеток на програмата на ТВ Скопје, емитувана преку сопствената телевизиска мрежа. Неколку месеци подоцна, на 14 декември, Станковска ги читаше вестите на првиот телевизиски Весник, што го означи почетокот на емитувањето на редовната програма на Македонската телевизија.

Нејзиниот глас сè уште се слуша на радиопрограмите, особено во популарниот џингл „Точно е 12 часот“.
Беше активна и по пензионирањето, особено во обуките на млади кадри.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.