Легендарниот француски моден дизајнер Пјер Карден беше погребан завчера во Париз. Погребот на гробиштата Монмартр беше во присуство на најблискиот круг на семејството и пријателите, пренесува Би-би-си. Карден почина на 98-годишна возраст на 29 декември минатата година.

Црниот ковчег беше украсен со меч дизајниран од Карден, а на сечилото беа стилизирани ножици, игла, напрсток и калем со конец.

Тој беше погребан покрај неговата поранешна партнерка Андреа Оливер, која почина во 1993 година.

Пјетро Константе Карден е роден во 1922 година, а како дете со родителите се преселил во Франција.

За време на неговата седумдесетгодишна кариера, Карден се здоби со статус на моден револуционер и еден од најзаслужните за златното доба на оваа индустрија по Втората светска војна.

Тој основал своја модна компанија во 1950 година и се проби на големата сцена благодарение на футуристичките креации и вселенската колекција од 1964 година.

Членовите на семејството на Карден во изјава за агенцијата „Франс прес“ минатиот вторник потврдија дека Карден починал во болница. Додавајќи дека се „горди на неговата тврдоглава амбиција и храброста што ја покажа за време на неговиот живот“.

Веста за неговата смрт предизвика реакции во светот на модата.

Модниот дизајнер Жан-Пол Готије му се заблагодари на Карден „што му ги отвори вратите на модниот свет и го претвори неговиот сон во реалност“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.