Пандемијата нè научи дека не е важно што има на трпезата туку дали сме сите на број, вели Рози Мицкоска, сопруга на претседателот на најголемата опозициска партија.

Именденот на Христијан е во центарот на прославата на божикните празници во семејството Мицкоски. Неговата сопруга Рози е задолжена за декорирање на домот и за подароците, а мајката на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ за традиционалните јадења кои секоја година се дел од бадниковата вечера и божикниот ручек.

Во пресрет на најголемиот христијански празник Вечер.прес беа на гости кај госпоѓа Мицкоска, со која, освен за празничните подготовки и ритуали, разговарале и за нејзините професионални и семејни обврски, за „новото нормално“ што ни го донесе пандемијата, а се разбира и за тоа каков е приватно лидерот на најголемата опозициска партија…

Минатата година беше мрачна и стресна, пандемијата однесе многу животи, а и нашето семејство помина низ тежок период. Имавме навистина тешка година. Затоа, во Новата година, би сакала сите заедно да влеземе внимателно, со маски на лицето, но со отворена, чиста љубов во срцата. Ако ништо друго, пандемијата нè научи дека не е важно што има на трпезата туку дали сме сите на број – вели Рози Мицкоска, која без збор го прифатила предлогот да се ѕирне во нивниот дом и на читателите на весникот ВЕЧЕР да им се пренесе празничната атмосфера.

Ова се празнични денови кои го исполнуваат домот со радост и топлина и ни подаруваат сигурност и сила. За Бадник на трпезата ќе ги имаме сите традиционални посни јадења, гравче, сарма, макало, суво овошје, ореви, лешници и печена тиква. Во центар на вниманието е погачата со паричка, која е највозбудливиот момент, бидејќи сите очекуваме да видиме во чие парче ќе се најде, бидејќи, кај нас нема местенка со паричката. На крајот на вечерата, како што е адетот, трпезата не ја собираме туку ја оставаме да преноќи. За Божик, пак, се готви подварок, печење, салати, кифли… Мојата свекрва е експерт за готвење и месење, така што моја обврска е изгледот на масата и сервирањето, вели нашата домаќинка. Таа додава дека вистинска радост е подготовката за малите коледарчиња, кои со коледарска песна утрото на Бадник, го навестуваат Христовото раѓање. „Во знак на благодарност за убавата вест ги даруваме со бонбони, јаболка, ореви, чоколади, лешници, костени, парички“ – вели Мицкоска.

Традиција за семејството Мицкоски е и тоа што на Божик, на именденот на лидерот на опозицијата, утрото се оди на литургија во Соборниот храм и се носи украсена празнична погача на благословување. Минатите години, вечерта, имале и гости, но годинава поради пандемијата ќе се прославува според протокол.

Всушност, за нив, цел јануари е полн со празници и имендени. Најпрво се слави името на Христијан, по него на 15 годишниот Јован, и завршува со именденот на петгодишниот Антониј.

Овие празнични денови се навистина магични и секоја година кога се подготвуваме за Нова година и Божик го имам истото чувство. Годинава е тоа малку измешано поради негативните последици од пандемијата но, и со позитивна мисла дека вакцините сепак ќе пристигнат и ширењето на опасниот вирус ќе стивне. Инаку, уживам во украсувањето и купувањето подароци за моите блиски, која е моја обврска. Сите овие божикни детали околу нас сум ги купувала сама изминатите години или сум ги добивала на подарок така што секоја година нивниот број се зголемува – вели Рози Мицкоска.

Таа вели дека и децата ги учи дека треба да бидат современи луѓе, но, да ја почитуваат традицијата и да научат да балансираат во животот.

Малите семејни прослави го збогатуваат чувството на припадност. Да откријам дека ние имавме и еден убав јубилеј во декември, прославивме 15-годишнина од бракот. Значи, празнувањето го почнавме старата и влегуваме со нова позитивна вибрација во Новата година – раскажува г-ѓа Мицкоска.

На прашањето што и подарил сопругот за јубилејот и дали често знае да ја изненадува со подароци, таа вели: Големиот букет бели рози на шанкот го добив од Христијан. Oткрива дека многу често, без причина од сопругот добива рози, а ѝ приредувал и ситни, романтични изненадувања.

Христијан е сосема поинаков дома. Со годините и двајцата научивме дека треба да се направи баланс меѓу семејните и работните обврски, а бидејќи неговата моментална функција е многу чувствителна и стресна, се обидува тоа да не го пренесува дома. Секојдневните предизвици ги остава пред врата и се обидува тие да немаат некое влијание врз нас. Се разбира, тоа не секогаш му успева да нè заштити, но се обидува – вели Рози.

Додава дека притисокот е огромен и самата, на почетокот не била свесна дека сето тоа е толку голем притисок. Токму затоа, додава, во нивното семејство не се гледаат вести, а телевизорот се вклучува само за детските програми. Таа не е активна ниту на социјалните мрежи, нема профил ниту на Фејсбук.

Рози Мицкоска е одличен соговорник, непосредна, позитивна и шармантна. Засега, не многу се експонира во јавноста, а на значајните настани е секогаш покрај својот сопруг. Има впечатлив елегантен, дамски стил и префинетост, кој совршено ѝ одговара на витката става. Внимава на облеката оти, како што вели, на тоа ѝ налага и професијата. Веќе 15 години е професорка по македонски јазик во гимназијата „Орце Николов“.

Времето во домот на семејството Мицкоски го поминавме во еден миг. „Минатата година беше полна со предизвици и уште еднаш ни покажа колку се важни здравјето, заедништвото и хуманоста. Поминете ги празниците во радост и мир, нека срцата ви бидат исполнети со љубов и желба да си помагаме едни на други, ни посака нашата соговорничка на крајот на разговорот.

Извор: Вечер.прес

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.