Од 7 јануари, па се до Богојавление се некрстените денови, кога по земјата шетаат духови, лоши сили и демони: караконџоли, тарамбаба, гревогазец, ѓаволица, чума и колера. И водите тогаш се нечисти.

Божиќ, денот на раѓањето на Исус Христос, христијанскиот свет го прифатил како почеток на Новата година. Од денот на Христовото раѓање, 25 декември по Грегоријанскиот или 7 јануари по Јулијанскиот календар, па се до Богојавление 6 јануари по новиот или 19 јануари по стариот календар се некрстените денови.

Денови кога по земјата шетаат духови, лоши сили и демони: караконџоли, тарамбаба, гревогазец, ѓаволица, чума и колера. И водите тогаш се нечисти, опседнати со лоши духови. Водата во овие некрстени денови е леунка, вели народот, крстот е врзан, немоќен, нема сила да ги протера духовите.

Во овие дванаесет некрстени денови луѓето се маскираат и ги изведуваат игрите под маски и тоа на Бадник и по него, пред Василица (Стара нова година), а и речиси сите останати денови до Водици. Игрите под маски најпознати како џамаларски, но и: бабари, василичари, мечкари, ајти, русалии… се изведуваат за да се избркаат лошите сили и демони. Луѓето веруваат дека со маските каде задолжително составни елементи се sвонците, клопотарците, стаповите, гајдите и тапаните што прават врева ќе ги исплашат демоните и тие ќе ја напуштат земјата.

Настанувањето на овие дванаесет дена се објаснува со разликата меѓу сончевата и месечевата година која изнесува точно дванаесет дена. Денови во кои завршува зимската краткодневица и се раѓа новото Сонце.

Се верува дека во овој период не треба да се излегува навечер, а ако баш мора со себе да се носи лук, крст или некој остар предмет.

Се верувало дека во некрстените денови не се преде, не се ткае и не се пере.

Надвор пак не се остава ништо бело, а посебно не детска облека бидејќи злите сили би можеле да им наштетат на децата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.