„МекДоналдс“ го отпушти извршниот директор Стив Истербрук, бидејќи имал врска со вработена. Американкиот гигант за брза храна соопшти дека врската била консензуална, но Истербрук ја нарушил политиката на компанијата и покажал „слаба проценка“.

Во писмо до компанијата, британскиот бизнисмен ја признал врската со вработената и рекол дека било грешка.

Со оглед на вредностите на компанијата, се согласувам со бордот дека е време за мене да продолжам понатаму – напиша Истербрук.

Инаку, 52-годишниот Истербрук, кој е разведен, почнал со работа во „МекДоналдс“ во 1993 година, како менаџер во Лондон, пред да напредува во компанијата. Тој бил поставен за извршен директор на компанијата во 2015 година.

Истербрук е заслужен за ревитализацијата на менијата и рестораните на фирмата, преку реновирање на продавници и користење на подобри состојки. Под негово водство, „МекДоналдс“ исто така ги прошири опциите за испорака и за мобилно плаќање за да ја истакне практичноста.

Одборот на гигантот за брза храна гласаше за заминувањето на Истербрук. Тој, исто така, се повлече од функцијата претседател на „МекДоналдс“ и член на бордот.

Според правилата на компанијата, на менаџерите им се забранува да имаат романтични врски со персоналот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.