Вселенскиот телескоп „Хабл“ на НАСА ги снимил првите знаци на формирање на протопланета слична на Јупитер, што очигледно е многу „насилен и интензивен“ процес, велат научниците.

Ова откритие ја поддржува теоријата за формирање на гасни џинови наречена „нестабилност на дискот“.

Новооткриеното тело се наоѓа во протопланетарен диск од прашина и гас, односно јасно е видлива спирална структура која орбитира околу млада ѕвезда, која се проценува дека е стара околу 2 милиони години.

Во тој период се формирале и планетите во нашиот Сончев систем, кој е формиран пред 4,6 милијарди години.

Природата е паметна; може да произведе планети на различни начини – изјави астрофизичарот Тајн Кари, кој работи на проектот за телескопот Субару.

Две различни теории

Планетите се формираат од материјал што се наоѓа околу ѕвезден диск. Според главната теорија за формирање на гасни џинови како што е Јупитер (теорија „акреција на јадрото“), тие се формираат од мали објекти со големина на зрнца прашина до камења кои се судираат и се спојуваат додека орбитираат околу ѕвездата. Ова јадро потоа полека акумулира гас од дискот и се формира планета.

Наспроти тоа, теоријата за „нестабилност на дискот“ вели дека гасните џинови се формираат со ладење на масивен диск околу ѕвезда, каде што дискот поради гравитацијата се распаѓа на еден или повеќе фрагменти од планетарна маса, пишува НАСА.

Ѕвезда од филмот „Не гледај нагоре“ (Don’t Look Up)

Новоформираната планета „AB Aurigae b“ е веројатно околу девет пати помасивна од Јупитер и орбитира околу својата ѕвезда на огромно растојание, па затоа е повеќе од двапати подалеку од неа отколку што е Плутон од Сонцето.

На таа далечина, би требало многу долго време, можеби никогаш, за да се формира планета со големина на Јупитер со натрупување на јадрото. Затоа, научниците заклучиле дека оваа егзопланета најверојатно настанала на принципот на нестабилност на дискот.

Веруваме дека оваа планета е во повој. Се чини дека ја забележавме најраната фаза од формирањето на гасниот гигант – вели Кари.

„AB Aurigae b“ орбитира околу ѕвездата наречена „AB Aurigae“, која е оддалечена 508 светлосни години и која стана донекаде позната кога нејзината слика се појави во сцената на филмот „Не гледај нагоре“.

Оваа ѕвезда е околу 2,4 пати помасивна од нашето Сонце и речиси 60 пати посветла, пишува „Ројтерс“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.