Граѓанското здружение Охрид SOS реагира на сечата на дрва која се случила на улицата „Туристичка“ во Охрид за време на карантинот.

„РЕКОНСТРУКЦИЈА“

Дека Општина Охрид постапува нетранспарентно, самоволно и без консултација со стручната и поширока јавност, покажува и последнава „реконструкција“ на булеварот „Туристичка“, каде покрај прередување на тротоарите, како да е нешто сосема обично, се протнува и СЕЧА НА ЦЕЛ ДРВОРЕД на тој потег. Тоа се прави во период на вонредна состојба, кога раздвиженоста е намалена со цел да се избегнат реакции од граѓаните. Во моментов дрвјата се веќе исечени.

Дрвјата беа здрави, правеа убава сенка, особено во летниот период, не претставуваа опасност за минувачите, единствено поради поголемите корени, на одредени места го поткреваа тротоарот. Никакво известување зошто, врз основа на какви аргументи комисијата дала одобрение за сеча, само една реченица дека „освен асфалтирање, поплочување и поставување на нови рабници, планирана е замена на стариот дрворед со нови соодветни садници“.

Дополнително, исечените стебла ќе биле заменети со нови садници од врстата Liriodendron tulipifera, автохтона за Северна Америка. Во Нацрт-извештајот за стратегиската оценка на ЛЕАП за Општина Охрид, во делот „Препораки за решавање на управување со биолошка разновидност“ стои: „користење АВТОХТОНИ ВИДОВИ при уредување на зелените површини“. Исто така, ова се коси и со Препораката 19 на UNESCO, каде е спомната АВТОХТОНА ВЕГЕТАЦИЈА. Но кому му е гајле за препораките, тоа помина, моментално се одговори и можеме да тераме по старо.

Во Законот за природа, член 63 се вели: „Заради заштита на биолошката и пределската разновидност на урбано подрачје, со изработката на урбанистичките планови, во зависност од видот на планот, се обезбедува меѓусебна поврзаност на истите типови живеалишта, зачувување на постојните и создавање на зелени површини, дрвореди, водотеци и стагнантни водни тела, како и други живеалишта, со давање предност на АВТОХТОНИТЕ ВИДОВИ и живеалишта“.

Според кои закони и одредби се водат локалните административци, не ни е познато. Но ова самоволие никако да прекине. Молчат и советниците, молчат сите. Дрвјата не се битни. Обична реконструкција. Прашање е дали ќе ги следат компензациските мерки за исечено стебло, пропишани во Член 36 од Законот за урбано зеленило, каде се вели: „(1) Со решението за сечење на дрва се утврдува обврската на подносителот на барањето, да изврши компензациско садење со соодветен број дрва чиј збирен пречник одговара на пречникот на пресеченото дрво, при што новите дрва треба да бидат постари од шест години. (2) Ако пресеченото дрво се наоѓало во централно градско подрачје, компезациското садење изнесува двоен вкупен пречник на исеченото стебло“.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.