Велат, благослов од судбината е да се родиш прв во Новата година на одредена територија. Не се во голем број токму тие што ја имале таа среќа, да се родат заедно со Новата година. Младиот Јордан Лазов од Неготино, ја имал таа среќа, тој ќе наполни 24 години токму на новогодишната ноќ. Со задоволство прифати да ја сподели својата животна приказна за МИА.

Специјален подарок за имењакот на градоначалникот

Лазов  е роден на Нова година во велешката болница. Таткото Сашко таа нова 1996 година ја пречекал сам во исчекување на добрата вест. Не отишол да слави со друштво, оти во Неготино е адет да не се кажува на никого дека жената е на породување, за да не ја урочат. Знаеле дека ќе биде прво па машко, оти веќе било видено на ехо. Заради комплицираната бременост, мајката Антонела била одведена во велешкото породилиште. Бебето го крстиле Јордан, по името на двајцата дедовци, а истото име го имал и тогашниот градоначаник на Велес. При неговата посета на мајката и првороденото бебе, кога дознал како ќе се вика, се насмеал и рекол дека ќе бидат имењаци. Сопругата на градоначалникот Ордан Николовски, од среќа што бебето ќе го носи името на нејзиниот сопруг, му подарила уште сто тогашни германски марки, покрај службените подароци што ги дава Општината.
Лазови роденденот на Јордан го слават пред и по Нова година и на шега додаваат, додека не се опијат сите гости.  Јордан вели дека е компјутерџија на тато и математичар на мама, а уште од малечок имаше желба, кога ќе порасне  да биде информатичар. На неговата две години помала сестра Ана-Марија како мала  и’ било мака,  што и таа не се родила на Нова Година. Таа верува дека децата што се родени тогаш,  се многу среќни.     

Јордан вели дека никогаш  не се чувствувал нешто посебно. -Иако, морам да признаам дека ми е мило што своевремено сум бил првото родено бебе во велешката болница. За време на новогодишното славје, мине ли полноќ, на самиот старт на Новата година, покрај честитките со желби за се најубаво, оние со кои славам ми честитаат и роденден. Значи од нула часот и нула минути до нула часот и десет минути, традиционално, со години наназад,  во моето друштво се честита Нова Година, па следните десет минути, се честита за мојот роденден. Па се продолжува со журката. Следни за роденденски честитки  се моите родители и сестрата со кои се слушам телефонски, а ако се преоптеретени телефонските врски, честитките се по одморот од дочекот на најлудата ноќ во годината.

Така беше со години. Овојпат е поинаку поради пандемијата од вирусот Ковид-19 и новогодишната ноќ ќе се слави во кругот на семејството.

Скромен по природа, како и неговите родители, рече  дека не е човек кој многу очекува, кога се подароци во прашање. – ,,Аа, ти ни го зе телевизорот”. Вака отсекогаш се шегувале другарите на Јордан со него, алудирајќи на тоа дека некои  првородени бебиња, меѓу другото, како подарок добиваат токму телевизор.
Парите кои во тоа време ги добил како подарок за првородено бебе, денес би вределе околу триесет илјади денари. Или, тогашни три плати на неговата мајка наставничка. Таа се присети на тие убави времиња кога ја добила својата прва рожба.

-Беше буцкасто детенце, сите некако го задеваа, им беше мил и интересен. Уште од тогаш имаше некоја мила ѕвезда. Посебен на некој начин. Тој едноставно шири позитивна енергија. Има среќичка убава у животот он. Многу пати има добивано награди при јавување во телевизиски емисии. Пред неколку години бевме тандем син и мајка во квиз и земавме пари. Е, сега, некои поголеми награди  нема, ама јас знам да ја кажам онаа анегдотата, за човекот кој се молел да му падне голема добивка, а кога го прашале, дали игра игри на среќа за да добие, одговорил негативно, па му рекле што очекуваш да добиеш кога не играш со среќата, коментираше таа.

Чоколадните бонбони за роденден ги јадев сам

Јордан е апсолвент на електро студиите  во Скопје. -Кога бев мал, ми беше најубаво дека ете јас не морам за роденден да частам во училиште чоколадни бонбони,  како другите кога го славеа денот кога се родиле. Јас никогаш не носев и тоа ми беше најинтересен момент како дете. Ептен ми беше погодено, според тогашниот наивен детски ум. Не трошев пари, а и ако потрошев, сам си ги јадев бонбоните, тоа се гледаше по мојата килажа, најискрено откри ова младо момче, кое за време на пандемијата од коронавирус, од мај наваму, без посебни диети успеа да ослабне дури 37 килограми, за разлика од многу други,  кои се здебелија за време на Ковид-19.

Многу, бројката не е за кажување, вака со неговата препознатлива насмевка одговори за тоа колку килограми имаше пред да ослабне. -Бааѓи ослабнав, не малку. Сам си одредив режим на исхрана. После толку време, редно беше, да ми текне и мене малку колку е саатот. На некој порано, на некој подоцна ќе му текне. Застанав еден ден на вагата и се исплашив. Си реков, ова веќе не оди вака, редно е да се смени нешто. Почнав да си го средувам животот. Благо не јадам толку многу како порано веќе. Чоколадните бонбони за мојот роденден, сега некој друг дома ќе ги јаде, рече со широка насмевка.

Продолжи да раскажува за тоа како паметно го искористил времето на коронавирус и не дозволил тој негативно да му влијае на животот. Се посветил на студиите и диетата и не дозволил ништо да му ги поремети плановите за иднината. Сестра му има 22 години и студира дизајн на мебел.

За тоа дали можеби некогаш му  купиле елка за роденден вели не памети дека било баш така. -Ама, како што вели, веројатно ме лажеле дека еве оваа елка ја купиле за мене за мојот роденден, а всушност ете ја купиле за сите, да ја имаме дома, одговори ведриот Јордан.

Лазови споделија една анегдота од неговото детство.

-Една докторка, кога разбра дека сме од Тиквешијата која е позната по многуте лозја, го праша зошто не и донел грозје. Беше април, а бидејќи ние во дворот имавме винови лози одрина на кои гроздаците се раѓаат и висат одозгора, тој како од пушка одговори, ами уште не е закачено.  Имаше три-четири години и се уште немаше научено дека гроздовите зрна не ги закачува некој таму горе, туку самите се раѓаат, развиваат, зреат и стасуваат за јадење, раскажаа тие со многу љубов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.