Погребот на легенда на македонската и на ексјугословенската естрада Нина Спирова ќе се одржи денес во село Коштуничи, Србија, во близина на Чачак.

Нина Спирова која завчера почина на 82 години е родена на 26 октомври 1938 година во Прилеп. Има учествувано на првите изданија на Скопскиот фестивал, а голем успех постигна и на фестивалите “Опатија – мјузик-фестивал“ кога победи со “Еден бакнеж….“ како и на “Белградска пролет“. Соработувала со најпознатите македонски автори, композитори и музички аранжери, меѓу кои Драган Ѓаконовски – Шпато, Љубомир Бранѓолица, Димитар Масевски. Снимила над 80 шлагери од кои поголемиот број се хитовите: „Молчи, молчи љубов моја“, „Еден бакнеж песни рој“, „Езеро мое“, „Далечен крај“, „Пелистерски очи“, „На овој ден“ итн….

Освен авторските песни, Спирова има исполнето и снимено голем број познати хитови од страна на светски аранжери. Нејзината плоча „Македонски бисери“ во 1983 година беше прогласена за најдобро дискографско издание во областа на народната музика. Освен на македонски јазик, Спирова има снимено сингл плочи и на српскохрватски јазик.

Нина Спирова беше дел од првите изданија на Скопскиот фестивал, а во својата кариера има соработувано со најпознатите македонски автори, композитори и музички аранжери. Драган Ѓаконовски Шпато во својата ранг-листа на македонска забавна музика и нејзините потенцијали, ја опишува Нина Спирова како ненадмината и ја сместува во втората генерација најдобри женски вокали на македонската музичка сцена.

Нина се повлече од музичката сцена во 1980-тите години, а околу половина век живееше во Србија. Последните години од својот живот ги помина во семејната куќа во село Коштуничи во близина на Чачак.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.