Три пара невести и нивните свекрви од три различни краеви на државата денеска беа учеснички на 14-та по ред манифестација „Невестинско поклонение“ во црквата „Св.Теодор Тирон“ во кривопаланечкото село Конопница.

Манифестацијата го негува пост-свадбениот обичај на поклонение на невестите венчани помеѓу две Тодорови саботи и нивните свекрви, според кој, се поклонуваат пред светецот за род и пород во семејството.

(фото: МИА)

Покровител на настанот е Општина Крива Паланка, организатор РЗР „Патник“, а куриозитет годинава беше учеството на невестата од познатата Галичка свадба.

Традицијата е идентитет и белег на нашиот народ, а тие, сочувани преку „Невестинското поклонение“ како обичај што ги негува семејните вредности денес не собраа тука, во Конопница, во црквата „Св.Теодор Тирон“, не сполотија заедно, млади и возрасни, да им се радуваме на вредностите што не обединуваат и одликуваат како народ. Денешната манифестација е карактеристична што за првпат, учествува невестата од Галичката свадба, што ја прави манифестацијата „Невестинско поклонение“ обединувачка на сите свадбени и постсвадбени обичаи обоени со колоритот на богатиот македоснки фолклор и традиција. Вредностите на семејните врски и нивната круцијална важност за општеството како аманет ги пренесуваме од поколение на поколение, чувајќи ги од заборав- одржувајќи ги денес како мост за иднината. Општина Крива Паланка е покровител на манифестацијата и ќе продолжиме да ја негуваме како дел од идентитетот на нашиот народ, рече градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.

На настанот присуствуваа министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, претставници од Советот на Општина Крива Паланка, како и бројни граѓани и туристи.

Манифестацијата е и во симболот на тролисната детелина – основа на црквата, со три пара невести и свекрви, од три различни краеви на нашата убава држава и историско, учество на невестата од Галичка свадба, од минатата година, Елена Димитрова со свекрвата. Учестуваат и Берта Санева од Штип и Марија Стојановска од Крива Паланка, заедно со своите свекрви. Галичкиот пар снаа-свекрва беше дотеран во оригинална Галичка носија од збирката носии на Достана Караѓозоска, а и останатите носеа автентични носии, секоја од својот крај. За оваа година успеав и да комплетирам машка носија од кривопаланечко, а изработив и календар за манифестацијата за следните 100 години, почнувајќи од оваа година, изјави иницијаторот за обнова на манифестацијата од РЗР Патник, Стојанче Величковски.

Свештениците од кривопаланечкото архиерејско намесништво им читаа молитва за зајакнување на брачни врски на невестите, а во дворот на црквата се одржа и водосвет.

За културната програма се погрижиија музичка група и КУЗ „Карпош“.

По завршување на културната манифестација РЗР „Патник“ ќе го распише Меѓународниот конкурс за карикатура, како дел од Годишната програма за култура на Општина Крива Паланка од општината и јавните институции и здруженија од регионот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.