Хрватската телевизија Нова ТВ објави дека нејзиниот 48 годише уредник и политички коментатор, Мислав Баго утрово бил пронајден мртов, а засега нема официјални информации за причините за смртта.

Неговото прерано заминување е голема загуба за нас. Беше омилен колега, секогаш подготвен да помогне. Остави неизбришлива трага во новинарството. Се воодушевуваме на неговата страст за новинарската професија, секогаш со нова идеја, секогаш чекор понапред, вели директорката на информативната програма на Нова ТВ, Ксенија Кадрум.

Мислав Баго со својот специфичен стил и новинарски израз беше познат и почитуван и од македонската телевизиска публика. На социјалните мрежи се коментира дека токму поради неговата неуниформираност, во инаку строгата професија, тој прераснува во лик кој станува дел од поп-културата.

Својот професионален ангажман го започнува во ХТВ, каде својот врв го достигна како водител на емисијата „Отворено“. Од 2009. година е уредник и новинар во Нова ТВ.
Добитник е на бројни награди, меѓу кои и онаа за Новинар на годината во 2006 година за серијата интервјуа со поранешните премиери Иво Санадер и Ивица Рачан.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.