Неготино ќе собира потписи против депонија за индустриски отпад на Криволак. Од Здружението на граѓани „Ековита”, кое ја стартуваше иницијативата за референдум по ова прашање, денеска информираа од Државната изборна комисија, подрачно одделение Велес, канцеларија Неготино, им соопштиле дека собирањето на првично законски определените сто потписи за една ваква иницијатива може да започне од 10. и да трае до 18. овој месец. Потписите потоа требало да се достават до претседателот на Совет на Општина Неготино.

За да имаме право на референдумско изјаснување, најпрво треба да ги собереме тие потписи, изјави Сашко Тодоров, претседател на „Ековита”, биолошки инженер по професија.

Со собраните потребен број потписи, Советот имал обврска да распише референдум на локално ниво, додаде Тодоров.

Тодоров е убеден дека и пред тој рок, неготинци ќе ја поддржат иницијативата за референдум. Затоа што, како што нагласи, стравуваат за своето здравје, за животната средина, за единственото заштитено подрачје во општината и за развојот на земјоделството и особено лозаровинарството.

Пред неколку дена, на јавната расправа за студијата за оцена на влијанијата врз животната средина, на присутните неготинци им беше кажано дека целиот процес во планираната депонија за индустриски инертен и неопасен отпад ќе биде безбеден по здравјето на луѓето и околината, контролиран и транспарентен, а предвидено е и рекултивирање на самата депонија. Сепак, голем број неготинци со недоверба гледаат на целиот проект.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.