Британски научници соопштија дека развиле ковид-детектор што може да открие дали некој е заразен за само 15 минути.

„Сандеј тајмс“ објави дека станува збор за многу прецизен уред, малку поголем од детектор за чад, кој би може да се користи за скенирање во авионски кабини, училници, домови за пензионери и канцеларии.

Раните студии на научниците од Лондонската школа за хигиена и тропска медицина и Универзитетот Дурам покажале дека точноста на уредот е од 98 до 100 проценти, што го прави сигурен исто колку и лабораториските ПЦР тестови за Ковид-19 и значително попрецизен од брзите тестови.

Истражувачите сепак нагласуваат дека нивните резултати се во рана фаза и работата допрва треба дополнително да ја оценат колеги од струката.

Детекторот, развиен од компанијата „Робосајентифик“, работи со откривање на хемикалии кои ги лачи кожата или присутни во здивот на заразените со коронавирус.

Овие испарливи органски соединенија создаваат мирис кој е премногу суптилен за да го почувствува човечкиот нос. Студија спроведена од истражувачкиот тим покажала дека мирисот може да го почувствуваат и кучиња, но детекторот е поточен и попрактичен.

„Сандеј тајмс“ пишува дека детекторот можат да открие лица со вирусот кои допрва треба да развијат симптоми, што го прави поефикасен од ПЦР тестовите, кои не се погодни за асимптоматски носители на вирусот.

Потребни се 15 до 30 минути за детекторот да собере примероци од воздухот во голема просторија и веднаш да ги испрати резултатите до мобилен телефон или компјутер.

Тековната цена на детекторот е околу 5.000 фунти по парче, пишува весникот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.