Јапонски туристи останале во шок откако за две порции шпагети и риба во ресторан во Рим добиле сметка од 430 евра. Се работи за брачна двојка, која ручала во ресторанот Antico Caffè di Marte. За две порции паста со риба и вода за пиење им побарале 430 евра, меѓу кои и 80 евра за „дополнителни услуги“.

Под фотографијата од сметката, која веднаш ја објавиле на сајтот Trip Advisor, а пишале дека во менито имало цена од 6,5 евра за 100 грама мешана риба, а сметката била далеку повисока. Откако се пожалиле, им кажале дека на послужавникот имало 4,8 килограми риба, што уште повеќе ги изреволтирало.

По оваа објава на Јапонците, ресторанот доби стотици негативни коментари, а оценката од пет, им падна на две ѕвездички.

Од ресторанот за италијанските медиуми се правдаат дека Јапонците јаделе свежа риба, што самите ја одбрале од пултот, што е далеку поскапа отколку смрзнатата.

Ова не е единствениот случај кога туристите се жалат на ненормално високите цени во рестораните во туристички места во Италија. Во мај на туристи им беше наплатено 81 евра во кафуле близу Ватикан за хамбургер и капучино. Во јануари, еден турист во Фиренца плати 22 евра за сладолед, а откако полицијата беше повикана, слаткарницата мораше да плати казна од околу 2.000 евра за измама. На тајванскиот турист му било кажано дека сладоледот чини толку многу, зашто корнетите се вкусни.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.