Исповедта на младата српска актерка Милена Радуловиќ го шокираше целиот Балкан. Во потресната исповед таа откри дека претрпела сексуално злоставување и вознемирување од нејзиниот учител по глума Мирослав Мика Алексиќ.

Сега, во новата исповед за престижниот руски магазин „Татлер“, таа раскажа нови детали за тортурата што ја доживеала, а најпрво раскажа кој е човекот кој ја злоставувал.

Мирослав Алексиќ е многу познат и успешен учител кој основал училиште за глума каде што децата учат глума од пет до осумнаесет години. Многу успешни актери во нашата земја учеа со него. Во Србија се смета исклучително престижно ако Алексиќ земе некое дете во своето училиште – тој спроведува големи аудиции, каде од огромен број деца избира од пет до седум најталентирани. Училиштето постои 40 години и цело ова време работи со истиот успех. 

 

Во училиштето одев од единаесет до осумнаесет години. И, за жал, во последната година, доживеав сексуално вознемирување и заведување. Ова беше навистина застрашувачко. Додека не се појавија следните девојки, бев сигурна дека ова е само моја приказна, мислев дека сум толку сама – вели Милена.

Таа истакнува дека Мика се однесувал кон своите ученици како татко и дека еден случај бил пресуден кога станува збор за судската борба со Алексиќ.

Се срамев од себе. Се мразев себеси во тој период. Тој беше манипулатор кој градеше односи со своите ученици од позиција на татко, неоспорен авторитет. Пред две години се појави девојче родено во 2000 година – таа беше во многу лоша состојба. За мене, таа стана мотивација за да го запрам сево ова. Но, бев заробена – не успеав да ги натерам другите девојки да раскажат. Тие, вклучувајќи ме и мене, не веруваа во судот, во бирократијата, сметаа дека сето ова ќе трае со години. Покрај тоа, се срамевме и не можевме да им кажеме на родителите низ што поминувавме.

 

Улогата на сите овие девојки е многу важна. Како да се докаже приказна што се случила пред осум, шест, пет години? Тоа може да се докаже само ако човекот ги продолжи своите дела и ги извршува според еден метод. И кога започна истрагата со полицијата, се покажа дека има и други жртви – постари од нас. Тој имал цел систем кој сè уште функционира (неговата последна жртва е родена во 2004 година). И дури на крајот од судењето ќе можеме да разбереме колку траело сето тоа и да го откриеме приближниот број на жртви. Се разбира, нема сите да пријават во полиција. Нема да добиеме ниту слика, туку само цртеж на овој монструозен процес, кој овој човек го спакува во најдоброто елитно детско училиште за драмски уметности. Работејќи 40 години – објаснува актерката.

Жртвата на предаторот од училиштето за глума повторно објаснува зошто чекала осум години за да проговори.

На моето семејство неодамна им раскажав – во 2020 година, кога и самата собрав сили. Пред тоа, едноставно се обидував да не се сеќавам што се случи, само за да можам да го завршам училиштето. Неколку пати сакав да го напуштам училиштето, ми доаѓаа мисли дека не треба да се занимавам со глума. Но, имав среќа, откако завршив, веднаш почнав да работам. Се случија првите успеси за кои сонував. Сфатив дека дури и тоа не може да ме направи среќна. Траумата ме мачеше неколку години.

 

Тогаш почнав да разговарам со пријателите и со психологот кој многу ми помогна да си ги средам чувствата на срам, вина, одговорност, самодоверба. Кога го решив овој проблем со себе, продолжив да живеам. И тогаш моите проекти веќе беа успешни во Русија, почнав да зборувам руски, се развиваше и мојата кариера во Србија. И навистина бев среќна. Почнав да се чувствувам подобро кога започнав да работам во Русија – благодарение на фатот што направив нешто за себе, далеку од сето ова. Отсекогаш имав чувство дека сите знаат дека нешто не е во ред со мене, но во Русија не беше така. Но, работата на себе ме натера да сфатам дека морам да ја запрам оваа личност.

 

Го обожавав училиштето, таму учеа сите мои најдобри пријатели и девојки, во контакт сме 10-15 години. Тие беа моето второ семејство. Имаше прекрасна атмосфера во која сите ја зборуваа вистината, немаше лажни улоги, како што често се случува во училиштата. И сè што се случи стана неверојатно искуство во негативна смисла. Мојот свет се сруши – раскажува Радуловиќ.

Милена денес е српска хероина и многу девојки и жени, жртви на сексуално насилство ширум Балканот ѝ се благодарни што јавно крена глас против насилникот.

Милена посочува зошто прва прозборела во јавноста за насилството во елитното училиште за глума на Алексиќ.

Јас сум прва што отворено прозборе за сè, бидејќи јас сум најстара и мојата кариера е веќе добро воспоставена за да може да се слушне мојот глас. По мене, уште една млада актерка ја раскажа својата приказна. Останатите девојки зборуваа анонимно.

 

Во моментов, ситуацијата се развива вака – ние, кои првично го обвинивме за силување, ќе го тужиме. Останатите жени ќе дејствуваат како сведоци во случајот. Алексиќ првично беше уапсен 48 часа, но поради фактот што можеше да влијае врз сведоци или да го повтори своето дело, апсењето беше продолжено за 30 дена. Кога ќе заврши сè, ќе видиме дали ќе му ја продолжат затворската казна. Истрагата е во тек – објаснува Радуловиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.