По два дена откако почнаа закажувањата на прегледи и анализи преку „Мој термин“ почнаа и метежите во дел од здравствените установи. На фотографиите кои ги објави Факултети.мк, направени утрово, се гледаат метежите на Универзитетскиот институт за клиничка биохемија, кој е во зградата на интерните клиники во клиничкиот комплекс во Скопје. Голем дел од специјалистите ги упатуваат пациентите за анализа таму. Метеж има и пред објектот на амбулантите на интерните клиники.

Најголем дел од пациентите носат маски во објектот, но не ја одржуваат потребната дистанца.

Директорката на Клиничка биохемија, д-р Џемиле Јусуфи, вели дека постојано се обидуваат да го одржуваат редот и апелира пациентите да ги почитуваат мерките за заштита.

Ова беше очекувано со самото пуштање на закажувањата во „Мој термин“, а ние како институција, со можностите што ги имаме, правиме сè за работниот процес да биде што е можно подобар и побезбеден и за вработените и за пациентите. Имаме и обележано каде треба да се чека. Кај нас нема закажувања преку „Мој термин“, туку пациентите доаѓаат со упат за испитување и очекувано има метеж сега откако почнаа редовните закажувања, зашто колегите ги праќаат пациентите за анализи. Ние се трудиме на направиме ред, но мора да внимаваат и пациентите – вели  Јусуфи за Факултети.мк.

Инаку, освен што треба да носат заштитни маски (оние на кои им дозволува здравјето), пациентите треба да одржуваат и дистанца. Во некои установи редар определува како ќе тече распоредот за пациентите да добијат услуга и да бидат заштитени.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.