Македонија е на границата на ризичната зона во која би можел да падне делот од кинеската ракета што неконтролирано паѓа кон Земјата.

Мапата, која ја објави „Си-ен-ен“, покажува дека северната граница на ризичната зона поминува низ земјава, како и преку територијата на соседна Албанија. Цела Грција, најголемиот дел од Италија, Шпанија и Португалија, исто така, се во ризичната зона од европските земји.

Ризичната зона е прикажана и на мапа на Европската вселенска агенција (ЕСА), која објави дека ракетата би можела да падне на површината од планетата Земја помеѓу 41,5 степен северна и јужна географска ширина. На оваа мапа, северната граница на ризичната зона поминува под јужната граница на Македонија. Покрај споменатите делови од Европа, зоната ги опфаќа и цела Америка јужно од Њујорк, цела Африка и делови од Азија.

Поради брзината со која се движи, научниците не може точно да предвидат каде би паднал делот од ракетата, тежок 22 тона, но најголеми се шансите тоа да се случи во океан. Астрофизичарот од Унивезритетот Харвард, Џонатан Мекдауел, вели дека ризикот е мал и дека најверојатниот исход е ракетата да падне во Тихиот Океан.

„Ризикот дека ќе има некоја штета или дека ќе погоди некого, е мал, но не е занемарлив. Би можело да се случи, но ризикот дека ќе погоди човек е навистина мал. Така што, јас не би губел ниту една секунда сон поради загриженост“,

изјавил за „Си-ен-ен“ Џонатан Мекдауел, астрофизичар од Универзитетот Харвард.

Паѓањето на ракетата се очекува да биде до крајот на викендов, со оглед дека предвидувањата беа дека тоа ќе се случи помеѓу 8 и 10 мај.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.