Луѓето би можеле да останат на Месечината во подолги интервали уште во оваа деценија, изјави претставник на НАСА, Хауард Ху, за Би-Би-Си.

Ху, кој ја предводи програмата на вселенскиот брод Орион, рече дека ќе бидат потребни човечки живеалишта за поддршка на научните мисии.

„Ова е историски ден за летот на луѓето во Вселената“, додаде тој за време на разговорот со Лаура Кунсберг.

Орион моментално е оддалечен околу 134.000 километри од Месечината. Ракетата Артемис, висока 100 метри, полета од вселенскиот центар Кенеди како дел од мисијата на НАСА. На врвот на ракетата се наоѓа вселенското летало Орион кое за време на оваа прва мисија нема екипаж, но е опремено со кукла која се користи за симулирање на човечко тело и која ќе ги бележи ударите за време на летот. Летот во средата следеше по два претходни обиди за лансирање во август и септември, кои беа прекинати за време на одбројувањето поради технички проблеми. Ху ѝ кажа на Лори Кунсберг дека набљудувањето на Артемис додека се движи е „неверојатно чувство“ и „остварен сон“.

„Тоа е првиот чекор што го правиме кон долгорочно истражување на длабоката вселена, не само за Соединетите држави туку и за светот. И мислам дека ова е историски ден за НАСА, но исто така е и за сите луѓе кои сакаат да одат во вселената. Ова возило повторно ќе ги однесе луѓето на Месечината“, тврди Ху.

Тој објасни дека ако овој лет на Артемис се покаже успешен, следниот би можел да биде со екипаж. Потоа ќе има трет лет кога астронаутите повторно ќе слетаат на Месечината за прв пат по мисијата Аполо 17 пред 50 години. Сегашната мисија оди добро, сите системи работат, а членовите на тимот се подготвуваат за следното пукање на моторите на Орион во понеделник кога вселенското летало ќе се префрли во далечна орбита на Месечината. Една од најкритичните фази на мисијата Артемис е безбедното враќање на модулот Орион на Земјата. Тој повторно ќе влезе во атмосферата на Земјата со брзина од 38.000 километри на час, поточно со брзина поголема за 32 пати од брзината на звукот. Штитот на неговата долна страна ќе биде изложен на температури кои се приближуваат до 3.000 степени Целзиусови.

Ху вели дека штом ќе биде тестирана и докажана безбедноста на компонентите и системите на Артемис, може да се направат планови за испраќање луѓе да живеат на Месечината „во оваа деценија“. Една од главните причини за враќање на Месечината е да се открие дали има вода на јужниот пол на сателитот, бидејќи тоа би можело да се претвори во гориво за вселенските летала кои одат подлабоко во вселената – на пример до Марс.

„Ќе испратиме луѓе и тие ќе живеат таму и ќе се занимаваат со наука“, рече Ху.

Тој објасни дека мисијата Артемис им овозможува да создадат одржлива платформа и транспортен систем за операции во длабоката вселена.

Капсулата Орион треба да се врати на Земјата на 11 декември.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.